Љупчо КОЦАРЕВ

Каква е демократијата во Македонија од 1991 година до денес? Пред да одговорам на прашањето, ќе се задржам, сосема кусо, на две дисциплини тесно поврзани со демократијата. Првата дисциплина, која ги изучува различните концепти на владеење, во последните десетина години доживеа голем подем. Тие концепти произлегуваат од различни дисциплини, вклучувајќи јавна администрација, политички науки, економија, право и социологија. Во книгата насловена како „Прирачник за теориите на владеење“ (станува збор за книгата Ansell, C., & Torfing, J. (Eds.). (2016). Handbook on theories of governance. Edward Elgar Publishing), се сумираат новите правци во дисциплината и се дискутираат различните форми на владеење. Треба да се потенцира дека, според современите теории и концепции на владеење,  владеењето не е состојба туку низа „интерактивни процеси преку кои општеството и економијата се насочуваат кон колективно договорените цели“.

Втората дисциплина е поврзана со социјалниот избор и ги проучува колективните одлуки, поточно процесот на донесување колективна одлука (или одлуки) врз основа на поединечни одлуки. Неколку централни прашања кои се изучуваат тука се: Како група индивидуи можат да изберат исход (на пример, политика или изборен кандидат) од дадено множество опции? Кои се карактеристиките на различните системи на гласање? Како може колектив (на пример, избирачко тело, законодавно тело, експертска комисија, или комитет) да одбере кохерентни колективни одлуки, посакувани алтернативи, или пресуди за некои теми?

На моите студенти често им го предавам следниов пример: група составена од четворица Холанѓани, тројца Германци и двајца Французи треба да одлучат кој пијалак ќе се сервира за ручек (притоа, само еден пијалак ќе им се сервира на сите). Поединечните одлуки се: Холанѓаните претпочитаат млеко, вино и пиво, за Германците прв избор е пивото, потоа  виното, а последен избор е млекото, додека Французите претпочитаат вино, па пиво, и на крај, млеко. Кој пијалак треба да се сервира врз основа на овие поединечни, индивидуални избори? Анализата којшто може да ја прочитате во весникот „Нова Македонија“, покажува дека колективниот избор не е тривијална работа: различни колективни избори можат да дадат различни резултати. Така, во примерот, сите три избори (млеко, пиво, вино) се можни.

Поврзано со групното (колективното) одлучување е и терминот демократија, под што се подразбираат методи на групно одлучување кои се карактеризираат со еднаквост на двете: учесниците во одлучување и процесите на одлучување.

Филозофите и мислителите (од дамнина до денешни дни) укажуваат на аргументи во корист и против демократијата. Детален опис на овие аргументи ќе оставиме за друг труд, тука, накусо, ќе спомнеме некои од нив. Според многу мислители, во демократијата носителите на одлуки се принудени да ги земаат предвид интересите, правата и мислењата на повеќето луѓе во општеството. Од друга страна, Платон во „Држава“ (книга VI) укажува на тоа дека во демократските општества, демократскиот процес на одлучување има тенденција да ја истакне важноста на изборната победа за сметка на стручноста што е неопходна за правилно управување со општество. Хобс во 1651 г. оди чекор понатаму и предизвиците на демократијата ги поврзува со мислењето дека поради тоа што граѓаните (и политичарите) не чувствуваат одговорност за квалитетот на законодавството, ним им недостасува мотивација да се разгледаат ставови за општо добро, што има негативни ефекти врз колективното одлучување. Некои од современите мислители и теоретичари по политичка економија, надоврзувајќи се на критиките на Хобс, тврдат дека граѓаните не само што не се информирани за политиките туку дури тие се честопати апатични, што остава простор посебни интересни групи да го контролираат однесувањето на политичарите и да ја користат државата за свои ограничени цели.

Да се вратам сега на прашањето за карактеристиките на демократијата во Македонија од 1991 година до денес. Поточно, прашањето што сакам тука да го дискутирам е: Кои правила за колективни одлуки ќе донесат просперитет во Македонија?

Правилото победникот добива сè, според кое се формираа сите влади во Македонија од независноста до денес, според сите индикатори и анализи, доведе до делумно распаѓање на македонското општество. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста на политичарите. За македонските политичари важноста на изборната победа и останувањето на власт секогаш имаа предност пред сè друго. Предупредувањата  на Платон, Хобс и другите современи мислители, за жал, станаа стварност во Македонија.

Парадоксално, практикувањето демократија во Македонија од независноста до денес доведе до нејзино намалување. Со други зборови, правилото победникот добива сè, заедно со спецификите на македонското општество и, во голема  мера, незнаењето на дел од македонските политичари и нивната безличност и алчност, доведе до општество коешто се карактеризира со неколку фактори, сите коишто ја поткопуваат од темел демократијата. Тоа се: (1) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, (2) етно-диференцијација, (3) доминација на малцинството над мнозинството (двете доминации на малцинството над мнозинството и на мнозинството над малцинството, се негативни и треба да се спречат со различни механизми), (4) фрагментација на општеството,  и (5) девалвација на системот на вредности. Резултатите се видливи катадневно, на пример, благо речено, во дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што не го гледаат тоа, всушност, не сакаат да го видат од ним (не)познати интереси. Демократијата подразбира две работи: (1) избор на Влада, којашто ќе имплементира „процеси преку кои општеството и економијата се насочуваат кон колективно договорените цели“ водејќи сметка за сите нејзини граѓани, и (2) механизми за контрола на работата на Владата. Механизмите, според мене, одамна се применуваат селективно, а тоа претставува рак-рана на нашето општество, бидејќи без демос (народ) нема ни демократија.

Кои правила ќе донесат просперитет во Македонија? Правилото: пропорционално учество, на пример, е едно можно решение. Тоа значи партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Би сакал да потенцирам дека ова е кус текст, колумна, потребна е подетална анализа не само на ова, туку и на другите можни правила. Од друга страна, ова е само потребен, но не и доволен услов Македонија конечно да излезе од 30-годишната зачмаеност. Со други зборови, треба уште многу други работи да се сменат, за што ќе се пишува наскоро во еден друг текст.

Демократските институции и практикувањето демократија се многу чувствителни процеси. Македонија е демократска држава, но потребно е многу внимание при имплементација на демократијата. Според мое мислење, време е за реформи во Македонија во духот на реформите на Клистен  спроведени во Атина во 508 година пред новата ера за замена на племенските политички групации. Ако демократијата е факел што сјае некое време пред да изгори, помислете на градските републики во Атина и во ренесансата. Денес, се чини дека во Македонија полека но сигурно згаснува факелот на демократијата и ние се упатуваме кон период на темнина. Што можеме да сториме за да се сврти овој очигледен тренд и да се поддржи демократијата? Понудив неколку размисли и би сакал да отворам дискусија за овие прашања. Текстов има само една цел: просперитет на државата Македонија и достоинство за сите нејзини граѓани.

(Анализата на претседателот на МАНУ е објавена во Нова Македонија. Овде се презентирани делови од него)