Ветото на нацрт-резолуцијата на СБ на ОН е „агресија“ врз Палестинците.
Америка ги прекрши сите меѓународни закони и ги отфрли своите ветувања во однос на решението за две држави и постигнувањето мир во регионот, изјави претседателот на палестинската самоуправа, Махмуд Абас, откако Вашингтон стави вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за полноправно членство на Палестинците во оваа интернационална организација.
Во интервју за палестинската агенција ВАФА, Абас нагласи дека „неодговорното“ и „срамно“ вето на Америка претставува „агресија“ врз правата, историјата, земјата и светилиштата на палестинскиот народ и дека овој потег го доведува во прашање почитувањето на волјата на меѓународната заедница.
„Додека светот се согласува да го применува меѓународното право и да стои на страната на Палестина, Америка продолжува да ја поддржува окупацијата, одбивајќи да го принуди Израел да ја прекине својата геноцидна војна. САД му обезбедуваат на Израел оружје и средства што ги убиваат нашите деца и ги уништуваат нашите домови, а тие стојат против нас на меѓународните форуми и не придонесуваат за безбедноста и стабилноста во регионот“, рече Абас.
Тој ја обвини администрацијата на претседателот Џозеф Бајден дека не ги почитува ветувањата и обврските, молчејќи за наводната израелска кражба на палестинските фондови, и покрај тврдењата дека сака да го зајакне влијанието на палестинската самоуправа во регионот.
Додаде дека е неопходно Америка да разбере дека Блискиот Исток нема да се стабилизира без праведно решение на палестинското прашање, нагласувајќи дека „Ерусалим со неговите исламски и христијански свети места е црвена линија што никој не може да ја помине“.