Увидот во Избирачкиот список за гласање во странство за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи на 21 април, почна вчера и ќе трае до 14 март.

-Се повикуваат државјаните на Република Северна Македонија во (се наведува државата), кои сакаат да го остварат своето гласачко право, да извршат увид во посебните изводи од Избирачкиот список во просториите на Дипломатско-конзуларните претставништва во (се наведува државата и градот) на (се наведува адресата на ДКП/КК) во период од 23 февруари до 14 март 2019 година. При увидот државјаните на Република Северна Македонија се идентификуваат пред надлежно лице со важечка патна исправа или важечка лична карта издадена од надлежен орган на земјава, се наведува во денешното соопштение на ДИК.

Увидот може да се изврши и преку интернет страницата на ДИК, http://www.sec.mk.

Во периодот од 8 февруари, кога собранискиот спикер ги распиша изборите, па се до 14 март пријавата за гласање, своерачно потпишана се доставува до ДКП, односно конзуларната канцеларија на земјава во одредената држава на адреса на ДКП/КК или се испраќа преку веб апликацијата поставена на интернет страницата на ДИК за државјаните на земјава, кои се на привремен престој во странство повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од една година.

Државјаните на Македонија, кои претходно го имаат пријавено пред надлежен орган својот привремен престој во странство или привремена работа во странство, односно државјаните за кои МВР има евиденција дека се на привремен престој или привремена работа во странство, поднесуваат само пријава.

Државјаните на земјава, кои претходно не пријавиле дека имаат привремен престој или се на привремена работа во странство, задолжително доставуваат скенирана копија од документи како доказ за престој во странство и тоа: потврда или копија од документот како доказ за престој во странство повеќе од три месеци или за привремена работа или престој во странство повеќе од една година или дозвола за престој или работа во странство издадена од надлежен орган од соодветна држава или копија од дозволата за престој или работа во странство.

ДИК во соопштението дава појаснување кој се може да гласа на изборите.

Право на глас имаат сите државјани на Македонија, кои имаат пријавено последно живеалиште во земјава, а на денот на гласањето привремено престојуваат во друга земја, повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во друга држава повеќе од една година, согласно евиденцијата од надлежниот орган, а кои од 8 февруари до 14 март доставиле пријава за гласање и се запишани во посебните изводи од Избирачкиот список.

-На изборите за претседател можат да гласаат само државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, а кои доставиле пријава за гласање и се запишани во посебните изводи од Избирачкиот список. Сите останати државјани на Република Северна Македонија, кои имаат избирачко право, а кои не поднеле пријава за гласање, ќе бидат запишани во изводите од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, согласно нивото пријавено последно живеалиште во земјава, се вели во соопштението.

Гласањето ќе се одржи на 20 април 2019 година во период од седум до 19 часот, во просториите на ДКП, односно конзуларната канцеларија на земјава во одредената држава.