Анонимен гејмер од Хрватска, кој се претставува како „Господин Никој“, се пријави за кандидат на претстојните претседателски избори во Хрватска.
Тој и се обрати на јавноста преку својот Јутјуб канал, поставувајќи снимка на која вели дека како „најпозитивен политичар според изборот на граѓаните одлучил да и се обрати на јавноста на таков начин и да се кандидира“. На медиумите им испратил соопштение, а своето лице во видеото го заматил, со цел да остане „Никој“.
Неговата кампања ќе има слоган „Да ја ресетираме Хрватска“, а главна цел е да ги „разбуди“ младите и да ги предочи нивните проблеми.
– Младите за мене се единствена надеж за спас на оваа држава. Никој од претседателските кандидати не ги истакнува како примарна целна група, па затоа одлучив да излезам во јавност и да им испратам порака. Иако овластувањата на претседателот се ограничени, сметам дека преку денешните канали за комуникација претседателот може и мора да врши притисок врз Владата и Парламентот со цел да се спроведат мерки кои ќе овозможат спречување на демографската катаклизма, нагласи „Господин Никој“.
Повеќе месеци „Господин Никој“ е еден од најпозитивните политичари во Хрватска и се наоѓа на врвот според симпатиите на граѓаните. Поттикнат од својата популарност, „Господин Никој“ смета дека негова должност и одговорност е да се кандидира за претседател на Хрватска, поради поддршката што ја има од граѓаните.
Тој тврди дека е опсесивен гејмер, вљубеник во планинарењето, а се залага и ја промовира културата на паметните градови. Роден е во градот Нин, оженет и татко на еден син.