Дојдоа во Куманово, се потпишаа за присуство на Централното Собрание, но крајната одлука дали Алијанса за Албанците влегува во Владата, му ја препуштија на Претседателството на партијата. По речиси шест-часовно заседание и различни мислења, членовите на Собранието решија дека е најдобро првите луѓе на партијата да почнат со преговорите па да донесат конечна одлука, известува ТВ Телма.
Таравари е дециден дека не е отворено прашањето за кадровските решенија. Пред почетокот на седницата, ги отфрли како шпекулации медиумските информации дека премиерот Ковачевски му испратил понуда за две министерски, две заменички и неколку директорски позиции. Објаснува дека уставните измени секако ќе ги поддржат, но ако влезат во Влада, ќе водат борба против корупција и за правна држава.
Присутното членство го избра поранешниот лидер Зиадин Села за претседател на партиското Собрание. Избрани се тројца потпретседатели: пратениците Илире Даути и Елми Азири и советничката Бујаре Абази, како и секретари. Овој состав ќе ја донесе и конечната одлука: владеачка или опозициска партија.
Владеачките СДСМ и ДУИ веќе најавија дека вратата за Алијанса е отворена. Со нејзините 8 пратеници, владеачкото мнозинство би се искачило на 72-ца, доколку во него останат Алтернатива со тројца и групата „Огнени“ со три-четворица пратеници.