Претставата „Отело“ на режисерката Нина Николиќ,  копродукција на Македонскиот народен театар и БНП – Зеница од Босна и Херцеговина, ќе биде изведена на 17 август од 21 часот, на затворањето на 18. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

МНТ информира дека поради комплексноста, претставата ќе биде одиграна  на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.

Претставата се игра во проза на два јазика, македонски и босански. Како што вели и режисерката Николиќ, пристапот кон текстот ги  разработува темите кои се и денес актуелни, свежи и безвременски.

Шекспировата трагедија „Отело“ премиерно беше изведена на 16 ноември 2019 во БНП – Зеница, а пред скопската публика на 4 декември 2019 година. По изведбата во рамки на „Скопско лето“,  настапот на „Стоби“ ќе биде второ фестивалско претставување.

Во претставата играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед. Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска е костимограф, а на сценските движења работеше Димитриос Сотириу. Текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Осумнаесеттото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, на кој се изведуваат текстови од најпознатите антички драматурзи,  беше отворено на 3 август со премиeрата на „Орестија“.

Годинава програмата трае две недели и се  застапени две странски и четири домашни продукции, како и придружни настани – изложби, промоции на книги и филмски проекции на отворено.