Изминатиот викенд во ресторанот Канео, лоциран на охридското крајбрежје во некогашната истоимена рибарска населба, се оддржа вински настан во организација на Македонската Асоцијација на Сомелиери – МАСОМ како дел од проектот „Вински Тераси“.
Целта на проектот е претставување на високо квалитени македонски вина на странските и домашните туристи, преку едукативен и дегустациски карактер во сомелиерски манир.
Водечките винарници (Тиквеш, Стоби, Бовин, Камник, Венец, Сопот, Езимит, Далвина, Пуклавец) веднаш го препознаа настанот и несебично ја дадоа својата поддршка нудејќи ги своите премиум и најнаградувани вина за дегустација. Поддршката не изостана ниту од Министерствотот за економија со што преку програмата за развој на туризмот за 2019та година го препознаа настанот како програма за збогатување на туристичката понуда во Охрид во текот на летната сезона. Настанот побуди огромен интерес кај странските и домашните туристи помеѓу кои беа присутни и видни личности од јавниот живот. Охриѓани го поздравија настанот со препорака за одржување на поголем број вакви настани во годината.
„Накалемивме една нова меѓународно препознатлива винска култура врз цивилизациска важна подлога, Охрид. Нема сомнеж дека ќе вроди плод. Сега сме во фаза кога треба да се грижиме околу “лозата” и да веруваме во тоа што го работиме. Придобивките треба да ги очекуваме во насока на подигање на квалитетот на туристичката понуда повлекувајќи ја и гастрономијата нагоре, но и засилувајќи ја промоцијата на македонскиот вински регион” изјавија од МАСОМ.“