Претседателот Стево Пендаровски денеска побара од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за аферата Рекет, барајќи одговорност за сите инволвирани во случајот.

– Како граѓанин  сум разочаран што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекувавме да се борат за правна држава. Свесен за мојата одговорност како претседател на сите граѓани и мојата должност да ги штитам интересите на  државата и нејзините граѓани, нејзиниот  просперитет и безбедност, како и реализацијата на стратешките надвортешно политички цели  кон кои изминативе две години забрзано се движиме – НАТО и ЕУ  барам од надлежните институции  ефективно, брзо и темелно завршување на  истрагата почитувајќи го начелото на презумпција наневиност. Доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани  без разлика дали се носители на јавни функции или не, рече Пендаровски на прес-конференција.

По повод последните случувања поврзани со Рекет, Пендаровски изјави дека изминатиов месец јавноста е сведок на огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава.

– Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава, рече претседателот.

Освен кривично-правната одговорност, посочи Пендаровски, доколку има друга, каква било поврзаност со случајот, во смисла на давање заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

– Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, рече претседателот Пендаровски.