ВМРО-ДПМНЕ испрати своја делегација на поменот кај Карпалак да оддаде чест на хероите на Македонија. Дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ беше членот на Извршниот комитет на партијата Александар Велјановски, пратеничката Дафина Стојаноска и пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
-Денес е тежок ден за Република Македонија, ден кога ги паметиме македонските херои кои трагично ги загубија своите животи бранејќи ја својата држава. Тие ја платија најскапата цена за љубовта кон својата татковина. Иако поминаа 17 години од овој трагичен ден болката е иста за прерано згаснатите животи на овие млади храбри луѓе, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорчев истакна дека ова е тажен помен и момент на сеќавања како и вечна слава за сите оние кои се бореа и загинаа за Македонија.
-Жртвата на овие млади луѓе има уште поголема тежина во овие тешки моменти за Македонија кога власта се обидува да го промени целосно ликот на државата за која овие херои ги положија своите животи. Моменти во кои Заев се обидува да го промени името кое овие луѓе со гордост и со почит го изговараа кога ја положуваа својата заклетва „Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.