Белгија не е одговорна за неуспехот на ЕУ да најде јасен начин за финансиска поддршка на Украина, туку вината за тоа лежи во „тврдоглавоста“ на Унијата, изјави белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево, чија земја е под засилен притисок да се согласи на користење на замрзнатите суверени руски средства за покривање на финансиските потреби на Киев за 2026 и 2027 година.

– ЕУ ниту знае како да го направи тоа, ниту ги сфаќа ризиците што доаѓаат со тоа, рече Прево, нагласувајќи дека не се согласува оти т.н. заем за репарација е единствениот кредибилен начин за поддршка на Украина.

Тој го повтори и ставот на белгискиот премиер Барт де Вевер изнесен минатата недела дека евентуалната одлука на ЕУ за користењето на замрзнатите руските средства може да има последици по тековните мировни разговори за ставање крај на војната во Украина.

– Сега е јасно дека средствата можат да играат важна улога во мировниот план. Нашите постапки не смеат да создаваат пречки за мировниот план, додаде Прево.

Изминативе денови европски дипломати во изјави за бриселските медиуми посочија дека ваквиот став на Белгија се совпаѓа со реторика на Вашингтон, посочувајќи дека и некои членови на Американската администрација, кои „сакаат да работат со Русија“, се противат на користењето на замрзнатите руски средства.

На прашање за бриселскиот портал „Политико“ дали Белгија била во контакт со Белата куќа во врска со предлогот за „заемот за репарации“, од белгиското Министерство за надворешни работи одговориле дека „немаат информации за такви контакти“.

Во меѓу време, британскиот политички коментатор Хуго Диксон, кој уште пред две години ја промовираше идејата за користење на замрзнатите руски средства за помош на Украина, во интервју за „Еурактив“ оцени дека изјавата белгискиот премиер Де Вевер дека ваквиот план е „фундаментално погрешен“ претставува „приказна за Робин Худ“.

Според Диксон, нема ништо спорно во користењето на замрзнатите руски средства, бидејќи тоа на еден начин би претставувало „аконтација на репарациите“ за кои се претпоставува дека Русија ќе и ги исплати на Украина по војната.

– Тоа не е конфискација. Русија ќе си ги поврати своите средства ако го почитува меѓународното право и плати репарации, изјави Диксон.

Тој го оцени како неоснован и ставот на Белгија дека користењето на средствата би можело да ги загрози мировните напори за Украина, нагласувајќи дека таквата одлука би претставувала сигнал до Москва дека Европа има намера да ја поддржи Украина на долг рок и да ја зајакне нејзината позиција преговарачката маса.

Според Диксон, „целосно погреши“ се и оценките на Белгија дека користењето на средствата би претставувало ризик за еврото. – Вистинскиот ризик за еврото ќе биде ако Русија ја добие оваа војна и ако Украина биде принудена да капитулира, смета Диксон.

Сепак, тој смета дека ЕУ треба да и даде сигурни гаранции на Белгија дека нема да биде оставена сама доколку со судска одлука или врз основа на евентуален мировен план, би била принудена да ги врати искористените руски средства и дека одговорноста за нивно враќање ќе ја споделат сите земји членки на блокот.

Европската комисија во петокот најави дека во текот на „наредните денови“ ќе излезе со законски предлог за начинот на користење на замрзнатите руски средства за исплата на 140 милијарди евра на Украина во форма на т.н. „заем за репарации“, план кој беше предложен на октомвриски Самит на ЕУ, но не беше одобрен поради противењето на Белгија.

Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно речиси 180 милијарди евра, се противи на ваквиот план, тврдејќи дека нивното користење би можело да го нарушил нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во петокот порача дека ја разбира загриженоста на Белгија, но дека постојат „добри аргументи за постигнување заедничка цел за да се изврши што е можно поголем притисок врз Русија за ставање крај на војната“.

Пред почетокот на денешниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас дека „како што и било кажано“, Самитот на европските лидери што треба да се одржи на 18 и 19 декември во Брисел „нема да заврши без договор за финансирањето на Украина“.

Фото: Архива