Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска нагласи дека ЕУ ќе воведе постепена забрана за руската нафта како одмазда за руската инвазија врз Украина.
– Ќе се погрижиме постепено да ја исфрлиме руската нафта на уреден начин, рече фон дер Лајен во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур додека го презентираше шестиот пакет санкции против Москва.
Фон дер Лајен, исто така, рече дека ЕУ ќе побара од 27-те земји-членки на блокот да и оневозможат на Сбербанк, најголемата руска банка, пристап до SWIFT, глобалниот банкарски комуникациски систем.
Европската унија ќе таргетира уште три руски државни радиодифузери во новите санкции поради инвазијата на Украина
– Ги идентификувавме овие ТВ канали како гласноговорници, кои агресивно ги засилуваат лагите и пропагандата на Путин, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент.
Европската комисија предлага санкционирање на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, во последниот бран економски мерки против Русија, се вели во документот во кој имаа увид француски медиуми.
Новиот список вклучува 58 санкционирани лица, меѓу кои и многу руски воен персонал, но и сопругата, ќерката и синот на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Санкциите на ЕУ вклучуваат забрана за обезбедување услуги на руски компании на лобисти, сметководители, консултанти и медиумски спин доктори од Европа.