презвитер Ивица ТОДОРОВ

Не знам, драги мои, како вие доживувате и разбирате, ама според мене Сонцето заоѓа за сегашново човештво!
Од ден во ден злото во сите негови форми и пројави се зголемува, затоа што огромен процент од сегашново човештво го избира!

Парите, блудот и суровата пресметлива подлост, во сите форми и пројави, се идолот и богот на нашето време!
Секојдневието ни е полно со вампиризирани немилосрдни его-манипуланти кои никако со туѓото не можат да ја исполнат својата празнина! Тука се и пресметливите себеугодливи полтрони кои за својот интерес и комфор и душата ја продаваат!

Тука се и збунетите душички кои поради глупавост, наивност и нереалност ги следат и поддржуваат его-манипулантите и полтроните!

Во најголем број се душичките со возмутен дух, заболен ум и слепоуличен живот, тие се последицата од претходната гарнитура вампири!

Нормални, скоро и да нема, затоа и сонцето заоѓа за сегашново човештво!

Некој ќе праша: А каде е Бог, Творецот….? Тој е одамна избркан од овој свет! Го избркаа и се уште го бркаат его-манипулантите, полтроните, озлобените, ситнодушните, збунетите, излажаните, глупавите…

Ако, Тој повторно ќе воспостави баланс, така било, така и ќе биде. Жал ми е за наивно добрите, но, Бог е милостив и познавач на нашите срца, мисли и намери….