Пишува: Презвитер Ивица Тодоров

Втора ПОДГОТВИТЕЛНА СЕДМИЦА пред Великиот пост
НЕДЕЛА НА БЛУДНИОТ СИН
Духовното мртвило и духовното будење објаснети преку параболата за Блудниот син.
__________

ПОКАЈАНИЕ или ДУХОВНО будење – што е тоа?!
—————–
Често слушаме за потребата од ПОКАЈАНИЕ, но ШТО ВСУШНОСТ ЗНАЧИ КОГА НЕКОЈ ДОЖИВУВА ПОКАЈАНИЕ?
Преведувачите на Библијата го употребуваат зборот „ПОКАЈАНИЕ“, како превод на еврејскиот термин „ТШУВА“. Именката „тшува“, пред сѐ, означува „враќање“ и происходи од глаголот „шув“, враќа (на пр. се враќа дома од патување). Во религиозна смисла „тшува“ е враќање кон Бога, кон ОТЕЦОТ небесен!

Грчкото „метаноја“ буквално се преведува како „промена на умот“. Односно, промена на внатрешната состојба, промена на ставовите и начинот на живот. Обично словенските преводи и „тшува“, и „метаноја“ ги предаваат со еден ист збор „покајание“, обединувајќи ги така и двете смисли што се содржат во оригиналните библиски зборови.

Кога некој човек застранил од патот и пошол во погрешен правец, тој, за да не залута до крај, треба да се сврти и да тргне назад кон местото, од кадешто почнал да оди во погрешниот правец. Тоа не може да се стори, додека не се осознае дека не се оди во вистинскиот правец, додека не се случи „промената на умот“.

Прекрасна ислутрација на ова е евангелската приказна за блудниот син, кој прво „дојде при себе“ (Лука. 15,17), а потоа „стана и појде кон својот татко“ (Лука. 15, 20). Кај ликот од приказната се случила „метаноја“, а потоа тој решително станал и направил „тшува“, ВРАЌАЊЕ.
Ако било само „метаноја“ без „тшува“ (каење без враќање), тој, најверојатно, и би загинал во далечната земја, во која се нашол.
Само „метанојата“ без решителната „тшува“ го привела Јуда кон очајание и самоубиство: „Јуда… се покаја,.. отиде и се обеси“ (Матеј. 27,3 – 5).
Значи, во ПОКАЈАНИЕТО неопходни се и сознанието за нашето оддалечување од Бога, како и решителното дејствие за да се ВРАТИМЕ кон Него.

(од евангелието според Лука. 15, 1 – 32)

Се приближуваа кон Него (кон Исус) сите митници и грешници за да Го слушаат.
2. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.”
3. Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече:
4. Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде?
5. А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен;
6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: »Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!«
7. Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.
+
8. Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде?
9. А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: »Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!«
10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.”
+
11. И рече: „Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
20. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«
22. А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23. Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24. оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.
25. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
26. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?«
27. А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.«
28. Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
29. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите
пријатели;
30. а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«
31. А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое;
32. но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат
беше МРТОВ и ОЖИВЕ, ИЗГУБЕН беше и се најде.«“