Премиерот Зоран Заев вчера беше во посета на пријателска Албанија, каде што имаше повеќе средби со претставници од државниот врв на оваа соседна земја.
Притоа, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, беше кажано дека пријателските односи одлично се развиваат и дека „потегот со законот за јазиците во Македонија е феноменален“.
Заев со владината делегација што го придружуваше се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи. На средбата, македонскиот премиер, пред двете големи знамиња на Албанија, не го крие задоволството и има поголема насмевка на лицето и од македонското знаменце на масичката.
Несоодветното претставување на македонското знаме, како симбол на суверена држава, предизвика бурни реакции и коментари на социјалните мрежи.
Средба на македонски и албански политичари имало и во минатото, а од фотографијата подолу се гледа како рамноправно се претставуваат земјите, нејзините функционери и симболите на државата, односно знамињата во случајов. Фотографијата е од средба на поранешниот премиер Никола Груевски и експремиерот на Албанија, Сали Бериша.