(Катимерини)

Минатата сабота во Преспа, илјадници луѓе се забавуваа до раните утрински часови со балканските мелодии (Албанија, С. Македонија, Србија, Бугарија, Грција) и песните на енергичниот Василис Папаконстантину, како дел од настаните во рамките на Фестивалот Преспиа, кој навршува 30 години успешна организација.

Млади и стари од селата од Флорина, Касториа, Козани, Едеса (грчки називи за Лерин, Костур, Кожани и Воден, з.н.), но и од соседните балкански земји дојдоа на прекрасното островче Агиос Ахилиос. И со душа се забавуваа. Луѓето на планинската граница имаат потреба од вакви културни вдишувања. Можеби нашите северни граници во текот на историјата беа поистоветени со етничка омраза и крвави територијални претензии, но локалните општества од двете страни на границата не престанаа да бидат поврзани со заеднички традиции и обичаи, кои како што се повлекува сомнежот, така се зајакнуваат и се отвораат повеќе канали за комуникација.

Во интерес на сите, особено на нашите луѓе во оддалечените области на Грција, е да се зближиме со нашите соседи, а во оваа равенка, ние сме оние кои играме со поголема моќ. Го имаме сфатено тоа? Судејќи по некои работи што се случуваат на граница, веројатно не. На пример, на излез од градот Флорина, на пат кон граничниот премин Ники, на границата со С. Македонија, таблите ги водат возачите кон една земја која не постои, ФИРОМ,  а понатаму една друга, постара, покажува кон Југославија! Иста ситуација и на магистралниот пат од Неа Малгара Солун до Евзони, каде на таблите се уште пишува Скопје наместо С. Македонија. Меѓутоа, на истата локација на знакот не пишува Софија туку Бугарија, ниту Истанбул туку Турција.

Да поверуваме дека оние кои се одговорни за обележување на меѓународниот автопат не се информирани дека ФИРОМ повеќе не постои, а во меѓународните организации е регистрирана како Северна Македонија, име со кое и Грција официјално ја признава? Или можеби некои водат своја надворешна политика? Сите овие навистина веруваат  дека на овој начин ќе го поткопаат „ентитетот на Скопје“, кој во сегашната форма е камен- темелник во рамнотежата на балканската гранична карта и, во крајна линија, во мирот во регионот?

Во истата Преспа, која со право ја рекламираме како тринационална точка за средба (Грција, Албанија, С. Македонија), многу дискутираниот граничен премин, за кој многумина веруваат дека ќе ја промени судбината на регионот, веќе со години „се отвора и затвора“ во лавиринтот на бирократијата, во моменти кога С. Македонија веќе ги има подготвени капацитетите од своја страна. Случајност?

(Колумна на новинарот Ставрос Ѕимас објавена во весникот „Катимерини“)