-Битката кај Беласица на 29 јули 1014 година е позната по победата на византиската војска над Самуил, којашто, се чини, го означила почетокот на крајот на Самуиловата држава; но, се помни и по преданието за ослепувањето на 14.000 или 15.000 Самуилови војници веднаш по битката.

Всушност, еден од најпознатите византолози на овие простори, советско-југословенскиот историчар Георги Острогорски нагласува дека според Кекавмен, бројката е 14.000 заробени војници, додека Скилица, како и повеќе подоцнежни автори (Манасиј, Зонара, Гликас и други) ја наведуваат бројката 15.000 ослепени заробеници. Проф. д-р Митко Панов од македонскиот Институт за национална историја, ја анализира бројката од 14.000 војници.

– За време на долгиот судир со византискиот император Василиј II, цар Самуил кон крајот на X век го проширил своето царство oд јадрото во југозападна Македонија на поширока територија на западниот Балкан. Конфликтот меѓу двајцата најмоќни владетели во тоа време кулминирал со легендарната битка на Клидион, позната и како битката кај Беласица, која што се одиграла на 29 јули 1014 година. Драматичната приказна раскажана во детали во делото на византискиот историчар Јован Скилица, завршува со наводното ослепување на 14.000 заробени Самуилови војници. Скилица пишува дека по наредба на Василиј II, Византијците оставиле по еден едноок на секој стоти Самуилов војник, за да можат да ги одведат своите ослепени соборци кај нивниот лидер. Не можејќи да ја поднесе трагичната глетка на својата ослепена војска која се приближувала, срцето на Самуил не издржало и тој починал во својата прва престолнина во Преспа на 6 октомври 1014 година, раскажува историчарот Панов.

Тој смета дека таквиот жесток чин на ослепување на 14.000 заробеници, којшто Скилица толку славно му го припишал на Василиј II – несомнено е преувеличен.

–  На ваквиот заклучок упатуваат повеќе елементи. Ниту еден автор – современик на Самуиловата држава, не го споменал чинот на ослепување на Самуиловата војска. Првите сведоштва за битката кај Беласица се содржани во делата на византиските автори Михаил Аталијат, Кекавмен и Јован Скилица, и уследиле по антивизантиските востанија во Македонија во 40-те и 70-те години од XI век. Фактот што востаничките лидери Петар Делјан и Георги Војтех се повикувале на директната поврзаност со царската династија на Самуиловата сржава, неизбежно го испровоцирало воениот и книжевниот одговор од византиската елита, којшто се рефлектирал преку евоцирањето на приказните што ги глорифицирале победите на Василиј II. Оттаму, делата на Аталијат, Скилица и Кекавмен за Беласичката битка што биле составени од хронолошка дистанца од повеќе од пет децении, неминовно треба да се анализираат низ призма на моментната византиска политичка стратегија, идеологија и официјална империјална реторика – подвлекува проф. Панов.

Аталијат ја споменува битката кај Беласица, возвеличувајќи ја победата на Византија, но не дава ниту број на заробеници, ниту го споменува чинот на ослепување. Кекавмен, пак, всушност, воопшто не споменува ослепување, туку само наведува дека Василиј II Порфирогенит заробил 14.000 непријателски војници и покрај тоа што тие биле предводени од Самуил кој бил искусен во воената стратегија.

Скилица, пак, изнесува извесни резерви во својот наратив, употребувајќи го изразот „како што се кажува“… Тоа, според историчарот денес, укажува дека приказната за ослепувањето произлегла од усно прераскажување, а не од пишан запис којшто Скилица можеби го имал пред себе.

Занимливо е и што имињата на селата викани Слепче (едното во Демирхисарската околија, другото во Прилепско), Водоча, Струмичко и др. етимолошки, но и фолклорно-традиционално се поврзуваат со овој настан. Овие народни преданија укажуваат дека ослепувања можеби имало, но сепак – не биле во толкав број.

– Доколку Самуиловата војска била жестоко десеткувана со илјадниците ослепени војници, тоа несомнено би ја деморализирало Самуиловата држава и би ја лишило од воениот потенцијал за справување со нападите на Василиј II во наредните години. Меѓутоа, наследниците на Самуил, Гаврило Радомир (1014 – 1015) и Јован Владислав (1015 – 1018) ја продолжиле војната. На Василиј II му биле потребни четири години за да обезбеди контрола на главните градови и тврдини, вклучувајќи ги Охрид и Преспа. Промената на лојалноста на управителите во градовите и утврдувањата во Самуиловата држава и нивното свртување кон Василиј II во замена за византиски титули и престиж, а не офанзивните кампањи – на крајот се покажале како клучни за конечното освојување на Самуиловата држава во 1018 година, објаснува Панов.

Следствено, сѐ ова упатува на преувеличувањето на самиот чин на ослепувањето на илјадниците војници по Беласичката битка, на којшто треба да се гледа како на наратив на византиската пропаганда на Скилица и другите хроничари.

– Во тоа се согласни повеќето историчари кои во последно време го третираат ова прашање. Германскиот византолог, Питер Шрајнер ја изнесува и претпоставката дека самата приказна за ослепувањето е, всушност, целосна византиска фикција, креирана од Василиј II по дознавањето за Самуиловата смрт. Ваквата инвенција, според него, била пропагирана по 1018 година со цел да се зајакне имиџот на Василиј II како безмилосен император и заштитник на империјата. На тој начин, Василиј II претендирал  да го понижи и Самуил, претставувајќи го како слаб владетел чијашто смрт била резултат на чинот на ослепување, што во реалноста не се случило. Шрајнер заклучува дека оваа приказна била толку вешто измислена и пропагирана, што ја прифатиле здраво за готово не само средновековните писатели, туку и современите истражувачи – нагласува Панов.

И Острогорски, како и бугарскиот научник Јордан Иванов се согласуваат дека бројката од 14-15.000 ослепени војници, ако не е измислена, тогаш е претерана.

– Самуил и неговата „ослепена“ држава како историски синоними за Македонија, заедно со Василиј II со измислениот епитет „Бугароубиец“, биле реоткриени од Русија и балканските политички и интелектуални елити во втората половина на 19 век и проектирани во современата воена и идентитетска битка за Македонија. Осврнувајќи се на битката кај Беласица од денешна перспектива, неминовно се наметнува констатацијата дека ослепувањето на Самуиловата војска и воопшто политичкото и идеолошкото „слепило“ на коешто била изложена Самуиловата држава, мора критички да се анализираат низ призма на средновековните наративни стратегии, модерните конструкти и политичките агенди. Особено што, Самуиловата држава продолжува да биде „ослепувана“ и користена во современиот контекст на отвореното македонско прашање, заклучува проф. Панов.

Василиј II – „Бугароубиец“ или „Скитикус“?      

Историчарот, говорејќи за наводното ослепување на 14.000 заробени Самуилови војници, го спореди со случајот со измислениот прекар „Бугароубиец“ за Василиј II.

– Наспроти ставот на повеќето историчари кои во најново време изразуваат резерви во однос на нарацијата на Скилица за ослепувањето, бугарските историчари се единствени во „одбраната“ на жестокоста на Василиј II и бројот на ослепените Самуилови војници. Особено, откако британскиот историчар Пол Стивенсон убедливо покажа дека Василиј II за време на својот живот бил нарекуван Порфирогенит (роден во пурпур), а не „Бугароубиец“. Епитетот „Бугароубиец“ бил креиран од византиската елита и му бил придодаден на императорот значително подоцна – кон крајот на XII век, за потребите на империјалната пропаганда и како одговор на формирањето на бугарско-влашката држава, појасни Панов.

Тој истакнува дека, според најновите истражувања, современиците официјално го нарекувале Василиј II – „Скитикус“, односно – „победник над Скитите“ (на Самуил).

– Митрополитот од Синада, Лав, во писмото адресирано до Василиј II од почетокот на 996 година, меѓу другото, го возвеличува императорот како брилијантен и славен, кој не ја презирал „апелацијата ’Скитикус’ (Σκυθικος)“. Притоа, тој му порачува на Василиј II: „не поштедувајте ниту еден Скит (Σκύθην), дури ни малото момче што мајка му го носи во својата утроба, туку разурнете ги и уништете ги сите заедно…“ Ваквата официјална кореспонденција сосема јасно покажува дека Василиј II кон крајот на X век веќе бил познат со апелацијата „Скитикус“, што произлегла од неговите дотогашни победи над Самуиловата војска. Тоа недвосмислено се потврдува и од Епитафот на Василиј II во стихови, каде што, меѓу другото е наведено: „…Но јас, Василиј роден во пурпур, го подигнав мојот гроб во областа Хебдомон… Останав буден во текот на мојот живот и ги заштитив децата на Новиот Рим, храбро водејќи кампањи и на Запад, и на позициите на исток, подигајќи огромен број трофеи во сите делови на светот. А сведоци за тоа се Персијците и Скитите, заедно со Абхазијците, Исмаилитите, Арапите и Иверците. О, човеку, гледајќи го сега мојот гроб овде, награди ме за моите походи со своите молитви“, цитира Панов.

Содржината на епитафот, како што вели историчарот, ја содржи пораката на Василиј II кој недвосмислено сакал да биде запомнет како победник над Скитите т.е. – непријателите од Самуиловата држава. Тоа дополнително потврдува дека епитетот „Бугароубиец“ бил измислен подоцна од византиската елита.

(МИА)