– Мис Елен Стон пред 122 години и подарила книга на англиски јазик на Маријка Г. Бојаџиева од Струмица со своерачна посвета напишана на македонски јазик. Факсимил од посветата објавивме пред извесно време, а еве и дел од приказната која стои зад таа посвета
Блаже Миневски

Знаевме дека мис Стон е протестантска мисионерка во Македонија од крајот на 19 и по~етокот на 20 век; знаевме дека била грабната од четата на Јане Сандански во 1901 и дека за нејзиниот откуп Америка платила 14.500 лири, но не знаевме дека во Македонија постои книга подарена во Струмица со нејзина своерачно напишана посвета на првата страница. Во посветата пишува на „Маријка Г. Бојаџиева, со љубезно поздравление. Од Е. М. Стон. 20 мај 1890 година“. Станува збор за посвета на книгата „Децата и Исус“ во која на 95 страници се објавени шест приказни за деца на англиски јазик. Книгата е печатена во Лондон 1886 година, што може да се утврди со најавените нови наслови од истата едиција за следната 1887 година. Три години по објавувањето на книгата, Елен Марија Стон, протестантска мисионерка во Македонија, многу попозната како мис Стон од аферата со грабнување во 1901 година од страна на четата на Јане Сандански, престојувала во Струмица, каде што веќе имало протестантска црква во која сигурно членувала и Маријка Бојаџиева, девојката или жената што добила книга со посвета на мисионерката. Овој единствен, скапоцен примерок со посвета од легендарната мис Стон, кој во Струмица го пронашол д-р Михајло Георгиевски, бил откупен за 1000 стари динари и донесен во НУБ ‘Свети Климент Охридски’ каде што сега се чува во збирката на ретки книги.

Миса во црквата

Според посветата, односно датата под посветата, мисионерката мис Стон била во Струмица пред 122 години, во мај 1890 година.
Единаесет години подоцна се случи нејзиното грабнување на патот меѓу Банско и Џумаја. Мисионерката тргнала од Банско за Џумаја, од каде требало да продолжи за Солун. Заедно со неа во карванот биле уште десеттина души, меѓу кои и Катарина Цилка, нејзиниот сопруг Григор, обајцата со завршено теолошко образование во Њујорк, три учителки, две ученички и други. Катерина Стефанова Цилка била грабната затоа што била единствена мажена жена во групата, односно за да нема озборувања за некаков неморал на грабнувачките доколку грабнеле некоја од младите учителки или ученички. Дури по неколку дена Сандански им открил дека не се турски качаци туку македонски револуционери, и дека се грабнати заради откуп. Спомените на Јане Сандански потврдуваат дека грабнувањето е извршено на 21 август во 11 часот вечерта по турско време кај ‘Потпрена карпа’ на патот меѓу Банско и Џумаја. Заложничката драма траела речиси шест месеци, а за ослободување на мис Стон биле побарани 25.000 лири, односно околу 101.000 долари. Според српски конзулски извори, а за да се направи споредба за парите, Солунскиот вилает за фискалната 1900 година должел на државата 36.000 лири, а годишната плата на војската во вилаетот била 16.000 лири. По долги преговори сумата за откуп на крајот е смалена на 14.500 лири кои тежеле околу 104 килограми злато. Според сведоштвото на Сандански веднаш по добивањето на парите од откупот, тој со одредена сума го пратил Крсто Асенов да купи облека за целата чета:

„Потоа кај едно момче, учител, Михаил Бојаџиев, сместивме 2000 лири, кај Хаџи-Димов во Софија оставивме 4000 лири, кај сестра му на Асенов, докторката С’бка Асенова, оставивме 4000 лири, а другите 4000 ги оставивме кај Узунов, телеграфист во Софија. Сето тоа го направивме додека дојде Делчев… Откако ги добивме парите на 18 јануари, веднаш му јавивме на Чернопеев да ги ослободи жените. Тој ги испратил од Влаи во Ошава а оттаму во Сенокос-Србиново и преку Струма ги допратил до Малешевско, каде што ги предал на каналот“, сведочел Сандански.
Со истиот канал, со мала придружба предводена од Андон Ќосето, мис Стон, која имала 55 години, Катерина Цилка и нејзината тримесечна ќерка Елена, родена во четата на Сандански, стигнале до селото Градошорци, а потоа сами, со селска придружба, влегле во Струмица. Истиот ден за време на службата во црквата мис Стон ќе рече:

„Да се помолиме за тие браќа во гората, кои работат за слободата на своите браќа и кои кон нас покажаа поголема грижа отколку што покажаа нашите родители. Тие ги изложија своите животи за да не заштитат“.
Оваа порака на мис Стон веројатно ја слушала и Маријка Г. Бојаџиева која 11 години пред тоа добила книга со посвета од мисионерката што ја обожувале сите евангелско-методистички верници во Македонија. Дека говорот што го одржала во црквата во Струмица не бил само празни зборови се потврдува и со тоа што по враќањето во САД продолжила да го афирмира македонското дело и станала еден од најагилните поборници и заштитници на идејата за назависна Македонија.

Гробот на мис Стон

Како млада мисионерка мис Стон од Масачусетс во Македонија допатувала во 1878 година со цел да ги просветува младите македонски жени и да ги запознае со западната култура. Во Самоков го раководела американското женско училиште, но многу често престојувала во Струмица каде што имала многу пријатели. Дванаесет години подоцна ја подарува книгата на Маријка Бојаџиева, а 11 години по посветата запишана во книгата ќе ја заврши својата црковно-просветителска мисија со завршувањето на аферата со грабнувањето. По пуштањето доаѓаат во Струмица и отседнуваат во куќата на проповедникот П. Д . Темков. Во градот мис Стон и Катерина Цилска останале два дена. Потоа со коњи биле префрлени до станицата во Удово од каде со воз заминала за Солун, каде што останала еден месец. Бидејќи властите не и давале дозвола да продолжи со мисионерската работа, со брод заминува за Америка. Но, уште додека била во Солун склучила договор со американското списание ‘Мак-Кљурс Магазин’ за објавување на спомените од грабнувањето. За тоа требало да добие 10.000 долари, плус хонорар за 50 предавања низ Америка за аферата, но и за македонското револуционерно движење. Следејќи ги ваквите нејзините активности, турските власти почнуваат да се сомневаат во нејзината лојалност, особено затоа што насекаде зборувала за светлите идеали на луѓето со кои поминала речиси половина година по македонските планини, па затоа и ја одземаат нејзината дозвола за работа, односно не добива дозвола за продолжување на својата мисионерска дејност во Македонија. Заасега нема конкретни податоци какви били последните средби со жените и девојките што ја засакале како сестра, односно мајка, но може да се претпостави дека разделбата била трогателна, особено ако се знае дека во Македонија поминала голем дел од својот живот.
Следните две и пол децении по враќањето во Америка, мис Елени Стон продолжува со својата мисионерска мисија во САД, патува низ земјата и преку јавни настапи ја запознава американската јавност со маките и страдањата на македонскиот народ, а во меѓувреме ја објавува и книгата за настаните поврзани со Македонија, особено спомените за оние шест месеци поминати со четата Јана Сандански. Живеела 81 година. Умрела на 13 декември 1927 година во градот Еверт, САД. Погребана е на градските гробишта, во алејата Зафир, до своите родители, татко и Бенџамин Франклин Стон, и мајка и Луси Ватерман Бекер Стон. Дека мис Елен Стон и Македонија остануваат засекогаш блиски, а дел од македонската историја неразделно поврзана со нејзиното име, зборува и податокот што на нејзиниот гроб редовно може да се забележат цвеќе и венци, а често и мали, македонски знаменца кои зборуваат за вечната врската меѓу неа и Македонија.
И, на крајот, да се вратиме повторно на посветата што ја напишала на книгата-подарок за Маријка Г. Бојаџиева. Својата посвета мис Стон ја напишала на македонски јазик, внимателно и со заоблени букви, при што поголем проблем за неа очигледно била само буквата ‘з’. Во секој случај, станува збор за единствена зачувана книга со посвета на мис Стон, која во себе како да содржи повеќе од цело едно бурно македонско столетие, почнувајќи од нејзиното грабнување, откупот од 14.500 лири и оружјето купено од Делчев, па се до ден денес кога на нејзиниот вечен дом во Масачусетс, каде што сред цвеќето што го оставаат Македонците што ги посетуваат гробиштата Еверет, понекогаш се вее и македонското знаме, како симбол на државата за која се бореле оние кои ‘покажаа поголема грижа отколку што покажаа нашите родители, оние што ги изложија своите животи за да не заштитат’, како што вели самата во првото обраќање по пуштањето од шесте месеци заложништво во четата на Јане Сандански.