Прилеп им го врати споменикот на 19-те жители на селото Дабница кои во масакр на фашистичкиот окупатор беа стрелани на 19 септември 1942 година.
Споменикот е реплика на поранешниот бронзен паметник кој пред 17-тина години вандалски беше уништен од досега непознати сторители. Споменикот на стреланите дабничани е откриен денеска, на 75-годишнината од ослободувањето на Прилеп.
Споменикот е висок околу два метри, широк 90 сантиметри и е реплика на уништениот од бронза. Директорот на прилепскиот „Завод и музеј“ Благоја Атанасоски изјави дека споменикот посветен на стреланите дабничани настрада од вандалски чин во 2002 година и оти се уште не се познати сторителите кои го искршија.
– Полицијата случајно ги пронајде бронзените делови на споменикот во прилепските отпади. Деловите во вреќи се депонирани во Прилепскиот музеј за што дознав неодамна. Минатата година исправивме една неправда и направивме реплики на орденот со кој Прилеп е прогласен за град – Народен херој, а кој 90-ите години од минатиот век исчезна и никогаш не е пронајден. Сега исправивме уште една неправда. Идејата за возобновување на споменикот е на Заводот и музеј. Кога беше уништен споменикот тогаш се направија две неправди: прво беше уништен симболот- спомен за стреланите дабничани од фашистичкиот окупатор. Споменикот беше дело на академскиот скулптор Димо Тодороски. Авторот на сегашниот споменик, Сашо Попоски и луѓето од леарницата направија максимални напори и од деловите на стариот го реконструираа споменикот за да се направи калап за новиот, кој е реплика на уништениот споменик, рече Атанасоски при денешното откривање на новиот споменик.
Авторот на реконструираниот паметник, скулпторот Сашо Попоски објасни дека макотрпно се работело на составувањето на деловите од уништениот споменик за да се добие единствена копија на ова, како што вели, ремек дело на академскиот скулптор Димо Тодороски. Сега е направен од нови материјали за да се избегне уништувањето.
– Едно мноументално дело било во депо 15-20 години, во ситни делови. Од сето тоа, со голема помош на леарницата „Панко“ од Скопје пробавме да направиме реконструкција на споменикот со оригиналните делови. Употребиме фотографии, скици и го направивме споменикот. Прво ја направивме бронзата, го исправивме споменикот во неговата оригинална висина, направивме гумен калап за да останат оригиналните потези зашто ова е уметничко дело на Димо Тодороски и е од непроценлива вредност. Направивме копија, која е прва, оригинална. Споменикот е направен од полимер-бетон, отпорен на временски непогода. Има акрилни бои да се долови ефектот на бронзата. Ова е за да се избегнат можни оштетувања. Димензиите на споменикот се околу 2 метри висина со 90 сантиметри широчина и се оригиналните димензии, изјави скулпторот Попоски.
Круме Соколоски, претседател на прилепскиот Сојуз на борци смета дека градот им се оддолжил на паднатите борци и на жртвите на фашизмот.
– Ова е почит за паднатите борци. Лично ги паметам Народната револуција, окупацијата. Дабница беше една од базите на Првиот партизански одред кој беше формиран во 1941 година и затоа настрадаа многу дабничани патриоти кои му помагаа на Одредот, ги хранеа борците. Познато е како револуционерно место. Подигнувањето на обновениот споменик значи дека Прилеп и локалната власт со почит се однесуваат спрема нашето револуционерно и славно минато, рече Соколоски.
Крај споменикот беше 78-годишниот Бранко Бешироски, синот на еден од стреланите – Алекса Бешироски кој тогаш имал една и пол година.
– Јас сум роден во 1941-та. Имав една и пол година кога го стрелаа татко ми. Овие мигови се тешки. Бев сираче, израснав со баба ми и дедо ми, до 1961 година живеев во домови, потоа полека застанав на свои нозе, се сеќава Бранко Бешироски.
Прилепската локална самоуправа одвои 600.000 денари за изградба на новиот споменик. Градоначалникот Илија Јованоски апелира да се почитува и да се зачува споменикот.
– Им оддаваме почит на стреланите жители на Дабница. Ја почитуваме светлата Народна револуција. Упатувам апел до граѓаните овој споменик да се зачува, да не се оштетува, зашто со тоа ќе му направиме штета на Народното востание, на НОБ, на споменот на загинатите и на стреланите, рече Јованоски.
Во меѓувреме, деловите на уништениот бронзен споменик се составуваат и споменикот ќе биде изложен како експонат во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ со придружна документација и фортографии како повторно е издигнат.