Велика Британија е во најдобро издание кога се соочува со криза, оцени британскиот принц Вилијам за време на разговор со хуманитарни работници, кои им помагаат на луѓето во време на пандемијата на коронавирусот.
Војводата од Кембриџ за време на видео повик рече дека „духот на заедницата“ брзо се вратил во Британија во време на пандемијата, соопшти неговата канцеларија во Кенсингтонскиот дворец.
Како што се истакнува во соопштението, принцот Вилијам, кој е втор во редот за британскиот престол, е покровител на Националниот фонд за вонредни ситуации за 2020 година.
Фондот, кој е воспоставен во 2019 година, ја координира работата на непрофитни организации за да ги насочи јавните донации кон оние на кои им се најмногу потребни.
Бројот на починати од коронавирусот во Велика Британија се зголеми на 10.612, откако денеска починаа 737 лица, соопшти Министерството за здравство. Вчера се регистрирани уште 5.288 новозаразени, така што вкупниот број на инфицирани надмина 84.000.