Дрвцето круша на неготинката Лилјана Вучкова вторпат годинава роди плодови. Тоа дрвце се наоѓа во нејзиниот двор во неготинското село Курија, а Лиле во изјава за МИА, потенцира дека вториот пат крушите се поголеми.

– Сево ова предизвика интерес кај мои познаници. Едни велат машала, блазе тебе. Од други се поставува прашањето дали ова можеби е знак за сушна зима, судбината предупредува дека е потребна храна оти ни доаѓа долга и студена зима, или којзнае што друго, додава Вучкова.

Таа открива дека дури имала и совети, да ги скине плодовите, да ги пресече на половинки и да ги замрзне, па да ги подари доколку и побараат луѓе што посакуваат рожба.

МИА консултираше и стручно лице во врска со оваа несекојдневна состојба. Професорот по стручни предмети во Земјоделско – шумарското училиште „Ѓорче Петров” во Кавадарци,  Глигор Бојков, појаснува дека појавата едно дрвце да роди и по два пати во една година, ретро вегетација, може да се должи на повеќе причини.

– Една од причините секако се климатските промени. Земјоделците треба да се свесни дека климатските промени се тука и дека тие треба да се адаптираат на тие промени. Како резултат на климатските промени, настанува хормонален дисбаланс, бидејќи дрвцето од активна физиолошка состојба, не преминува во вообичаена состојба на мирување, туку останува „будно”. Тоа е заради климатските промени, при што нема јасен преод од лето кон есен, вели Бојков.

Второ, нагласува тој, покрај климатските промени што секако си го земаат својот данок, може да станува збор и за дополнителна последица од неумерено наводнување во доцно лето.

Трето, забележав на листовите на дрвото круша, симптоми од болеста што е позната како рѓа кај крушата. Болеста има таква патогенеза, што може да ја поремети хормоналната рамнотежа во дрвцето и да предизвика ретро вегетација. Со правилен и навремен третман, може да се спречи заболувањето, открива професорот, докторанд по фито медицина.

Бојков предупредува дека и покрај тоа што на прв поглед делува дека е оваа состојба е добра бидејќи во една година едно дрвце два пати дава род, треба внимателност и да се реагира навремено.

– Бидејќи, раѓањето плодови на два пати во иста година, го исцрпува растението и неговите хранливи материи и го скратува неговиот животен век, укажува Бојков.

Светлана Дарудова

Фото : МИА и Лилјана Вучкова