Косовскиот претседател Хашим Тачи вчера се сретнал со дипломатските претставници на САД, земјите членки на Европската Унија, ОБСЕ, КФОР и ЕУЛЕКС, при што изјавил дека сега е моментот за голем историски договор меѓу Србија и Косово, кој ќе предвидува и „корекција на границите“. И покрај противењето на Германија и на повеќето косовски партии, Тачи оценил дека доколку во следните неколку месеци не се постигне ваков договор, двете земји ќе продолжат да имаат нерешени односи.
– Не можеме да стоиме во место, во пат позиција. Нема што да чекаме. Заостанување и чекање во решавањето на односите меѓу Косово и Србија навистина ќе претставува повик на тензии, дестабилизација и големи проблеми, не само меѓу нас туку и во целиот регион, изјавил Тачи.
Според косовскиот претседател, договорот би предвидувал взаемно признавање на двете држави, односно Косово да го добие долго посакуваното српско признавање на неговата независност, и со тоа и место во Обединетите нации. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој заедно со Тачи го отвори прашањето за менување на границите, не прецизираше што тоа би значело, но се претпоставува дека двајцата претседатели разговараат за припојување на мнозински српскиот север на Косово кон Србија, додека Косово би ја добило Прешевската долина. Тачи ја отфрлил опасноста ваквиот потег да предизвика поголеми тензии во регионот и повици за менување и на други граници.
– Ние имаме одлични добрососедски односи со Македонија, Црна Гора и Албанија, а секако, сакаме во блиска иднина да имаме многу добри соседски односи и со Србија, изјавил Тачи пред собраните дипломати. Тој посочил дека има голем број противници на овој предлог како во Косово, така и во Србија, и дека имплементирањето на ваков договор би повлекувало многу ризици, но дека поголем ризик е ако Косово и понатаму не напредува како држава.