Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ќе престојува во Брисел, каде заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе имаат приватна вечера со белгискиот премиер Барт де Вевер во обид да го убедат да се согласи на планот за користењето на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. „заем за репарации“ за поддршка на Украина.
Според планот, Мерц прво ќе има средба со Фон дер Лајен, по што заедно ќе заминат на вечерта со Де Вевер.
„Мисијата на Мерц“ е дел од напорите на Европската комисија да се убеди Белгија да се согласи на планот до Самитот на ЕУ закажан за 18 и 19 декември, на кој лидерите на земјите членки треба да се договорот за начинот на покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, на што се обврзаа на нивниот претходен собир во октомври.
Со колкава сериозност се пристапува кон ова прашање укажува и фактот што Мерц ја откажа за денеска планираната посета на Норвешка, за да може да допатува во Брисел на средби со Фон дер Лајен и Де Вевер.
Пред денешниот престој во Брисел, Мерц вчера во колумна во „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ посочи дека солидарноста со Украина не само обврска на ЕУ, туку е и нејзин фундаментален личен интерес.
– На тест е ставена способноста на Европа да дејствува независно во момент кога нашите безбедносни интереси се под директна закана. Како ќе се справиме со овој предизвик ќе ја дефинира и нашата иднина, наведе Мерц.
Според него, со конкретниот предлог за „мобилизирање на повеќе од 165 милијарди евра за дополнително финансирање за Украина“ од замрзнатите руски средства се испраќа недвосмислен сигнал до Москва дека продолжувањето на воената агресија е залудно.
– Ова не е знак за продолжување на конфликтот, туку за негово завршување. Тоа ја покажува способноста на Европа да дејствува. Демонстрација дека ние Европејците сме задолжени да одлучуваме и да обликуваме што се случува на нашиот континент, потенцира Мерц.
Во колумната Мерц се осврнува и на причините за белгиските резерви кон планот, нагласувајќи дека сите финансиски ризици што произлегуваат од овој потег мора да се споделат колективно.
– „Колективно“ значи дека секоја земја членка ќе преземе еднаков дел од ризикот во однос на нејзиниот економски капацитет. Прво мора политички да се договориме за овој принцип, а потоа да го спроведеме преку правно обврзувачки одредби. Би било неприфатливо која било земја да носи несразмерен товар, истакна Мерц.
Тој додава дека целосно ја разбира загриженоста на белгиската Влада, со оглед на тоа што најголемиот дел од замрзнатите руски средства се чуваат во бриселскиот депозитар „Еуроклир“, како и дека му е сосема јасно оти Белгија не може да се потпира само на декларативни политички гаранции.
Според Мерц, загриженоста на Белгија мора да се реши при претстојните дискусии за правното обликување на планот, за што „дискусиите мора да започнат веднаш и брзо да завршат“.
– Ако сме сериозни, не можеме да им оставиме на неевропските држави да одлучат што ќе се случи со финансиските ресурси на агресорската држава кои се законски замрзнати во рамките на јурисдикцијата на нашето владеење на правото и во нашата валута. Одлуките што ги донесуваме сега ќе ја обликуваат иднината на Европа, заклучи Мерц во колумната.
Белгија се противи на користењето на замрзнатите руски средства, тврдејќи дека тоа би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.
Ова прашање вчера беше предмет на дебата и во белгискиот Парламент, при што Де Вевер изјави дека Белгија е подготвена да „направи жртви“, но не може од неа да се бара „да го направи невозможното“.
– Ние не поставуваме неразумни барања. Белгија никогаш нема да се согласи сама да ги сноси ризиците од таквата постапка, изјави Де Вевер, поздравен со аплауз од белгиските пратеници.
Де Вевер нагласи дека, иако новите предлози на Европската комисија „еволуираа во корист на Белгија“ во однос на првичниот план, сепак тие сè уште не ги исполнуваат „ниту минималните услови“ на кои инсистира белгиската Влада.
Фото: Архива




