ОЈО Скопје побара 48 часовен притвор за Стојанче Јовановски, а Кривичниот суд вечерва го прифати барањето. Јовановски е сопругот на Ивана која вчера заедно со својата 6-годишна ќерка го загуби животот.

-Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик. Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата. По предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор, соопштија од ОЈО.

Објаснуваат дека краткотрајниот притвор е поради собирање на докази, од станот, од безбедносни камери и од вештачење на телефонот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција истакна дека Стојанче Јовановски по вчерашниот настан е лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело, по што ќе му биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.

-Во СВР Скопје за лицетоима 10 кривични пријава за дела од областа на насилен криминал, имотни деликти и дрога. Во декември 2025 година по апсење за дрога, биле пронајдени 20 паковки дрога, а МВР отпочнало брза постапка и доставиле кривична пријава до Јавното обвинителство и од страна на ЈО биле побарани мерки на претпазливост и истите биле изречени од судот. Во 2025 и 2026 година имало повеќе пријави за нарушени односи и човечки напади меѓу сопружниците и полицијата постапувала. Во сите наврати пријавите биле повлекувани и сега починатата Ивана се откажувала од водење на понатамошни постапки, вели Тошковски.

На вчерашната трагедија и претходела нова расправа меѓу сопружниците при што полицијата интервенирала, но Ивана изјавила дека немало физички контакт, се работело за недоразбирање кое ќе го решеле по мирен пат и не бара полициска интервенција. Тошковски вели дека сега почината Ивана, ставила свој потпис на сочинетата белешка пред заминувањето на полицијата.