Основниот кривичен суд Скопје на предлог на јавен обвинител и одреди 30-дневен притвор на 46-годишната А.И. од Скопје која вчера ја задавила својата 74-годишна мајка во нивниот дом во скопско Тафталиџе и потоа самата се пријавила во полициската станица Карпош.
Обвинителството, кое донело наредба за спроведување истражна постапка против А.И. осомничена за кривично дело убиство, попладнево соопшти дека таа вчера во полицијата изјавила дека при вршење семејно насилство ја лишила од живот мајка си со задушување. Како мотив за кривичното дело навела меѓусебни несогласувања и расправии заради финансиски средства.
– Дежурен јавен обвинител веднаш излезе на увид на местото, во домот во кој мајката и ќерката живееле заедно. Притоа, затекнатото безживотно тело на 74-годишната жена со наредба на јавниот обвинител е предадено за обдукција. Во исто време, издадена е наредба за прибирање и вештачење на трагите пронајдени на местото на настанот, соопшти Обвинителството.
Ќерката А.И. ја задавила својата мајка В.И. во семејниот дом на ул. „Ристо Равановски“, а убиството го пријавила во ПС Карпош вчераутро во 8.10 часот.