Приватните превозници поминаа уште една ноќ во своите автобуси во знак на протест, но овојпат само пред Град Скопје.
Протестот трае веќе 6 дена, но решение за долгот кон нив сѐ уште нема. Од друга страна, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е децидна. Вели дека ЈСП ги исплатила сите средства предвидени за приватните превозници.
Арсовска го поддржува правото на протест, меѓутоа додава дека граѓаните не се должни да го трпат ова. Според неа, раководителите на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ самите ја донеле ситуацијата до степен да се раскине договорот со Град Скопје, бидејќи, како што објаснува, ако превозниците не возат повеќе од два дена, договорот се раскинува по автоматизам!
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека скопјани се жртви на „коалицијата на хаосот“. Додава дека има начини како да се реши проблемот.
Но, од СДСМ пак, на став дека виновници за хаосот во главниот град се ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.
Во однос на ветувањето за бесплатен јавен превоз, Арсовска вели дека во моментов градот се бори со криза, но уверува дека кога кризата ќе се надмине, ќе биде реализирано сѐ што им ветила на граѓаните.