Приватните специјализанти испратија отворено писмо до претседателот на Владата, Зоран Заев. Во писмото се посочува дека на панел-дискусија организирана од повеќе асоцијации на специјализанти, како и од Министерството за здравство и Владата на 11 јуни 2018 година, им било ветено дека од јуни плата ќе добиваат и оние што се пријавиле на конкурсот во јануари годинава.
Исто ветување, како што посочуваат во писмото, им било дадено и од страна на министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција одржана во мај.
„Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, вие мора да останете во оваа земја, вие сте иднината и на нашето здравство и на медицината. Од јуни ќе се исплати мајската плата како што земаат и другите специјализанти, а дополнително работиме и на решавање на другите ваши барања“, изјавил министерот за здравство, а неговата изјава беше цитирана во отвореното писмо испратено од страна на приватните специјализанти.
Во писмото се додава дека поминале веќе неколку месеци од дадените ветувања, а тие досега плати не виделе.
Во меѓувреме се остварија повеќе работни средби со работната група на Министерството, се било подготвено да тргне со исплатите, но на крајот е добиена информација дека не постои буџетот за исплата на ветените плати. За тоа прашање доправа ќе се зборува на некја владина седница.
Во писмото се потсетува дека „постарите генерации приватни специјализанти веќе добиваат плата за истиот труд и со истите потпишани договори…а се добива впечаток дека една цела генерација млади доктори е подлегната на дискриминација и тотално е изиграна“.