Само 16 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Македонија гласале „за“ укинување на апанажата на пратениците, министрите и други јавни функционери, објави пратеникот и претседател на партијата Левица, Димитар Апасиев.

Предлог-законот беше поднесен од Левица со објаснувањето дека најголем дел од министрите коишто повеќе не се дел од Владата, максимално користејќи ги сите функционерски привилегии, ќе продолжат да земаат плата од Буџетот на Република Македонија и по престанокот на нивната функција, односно таканаречената апанажа.

– За укинување на апанажата на јавните функционери гласаа само 16 пратеници. Толку е постот. #ЕпаЧорбаЕпаМакедонче #ПакДаСиГиГласате“, објави Апасиев на својот профил на Фејсбук.

По заминувањето на Владата на бившиот премиер Зоран Заев, за апанажа се пријавија повеќе министри кои не добија фотелји во новиот состав на сегашниот премиер Димитар Ковачевски. Меѓу нив се Никола Димитров, Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче и други.

Ова предизвикува гнев кај народот кого го залажуваат со минимална плата, а богати државни функционери и по заминувањето од власт ја користат оваа привилегија.

(Д.Г.)