Блаже Миневски
Во 1867 година, значи една година по беседата за тоа дека „колку и да бидит чоек нечесен“, татковината пак треба да му биде „најмила на векот“, Прличев држи слово за свети Климент, во кое, откако ги изнесува заслугите на светителот се осврнува на моменталната положва во Охрид, укажувајќи дека во времето на свети Климент се учело на свој мајчин јазик, а потоа Грците ги изгореле светите климентови книги и со сила го натуриле грчкиот јазик: „Но, ете, се разбудивме, го испадивме туѓиот јазик и им заповедавме на своите деца да си учат на мајчин јазик“. Според д-р Михајло Георгиевски, словото ја искажува радоста на Прличев за тоа што одново, со најголема почит, се празнува и слави свети Климент:
„Ох, колку сум радосен оти ката година со срце го празнуваме свети Климента“. Во заоставнината на поетот пронајдени се две варијанти на беседи за свети Климент, што би можело да значи дека Прличев секоја година за празникот пишувал и држел прикладни слова и беседи за свети Климент. Едното слово денес се чува во Архивот на Македонија, а другото во архивот на МАНУ.
Во таа 1867 година Прличев држел слово и за „Русална среда“, и повторно жестоко се спротивставил на употребата на грчкиот јазик во македонските училишта, кревајќи го својот глас за воведување на народниот, македонски јазик во црковната служба и училиштата:
„Сите народи си учат на свој јазик, а само ние учиме јазик чужди и најм’чен. Децата пеат на училиште и не разбирает, затова учеет без севда и слепи останвеет“.
Понатаму во словото се вели:
„Не е ли срам голем за нас, сите братја наши да бидеет разбудени, а ние сами да спијаме! Свите пиеет од водата Христова, а ние жедвиме! Не е ли слепотија голема да ги слушате децата ваши да ви пејат грцки, та ни тие да разбервет, та ние вие да разбервите! Како ке даите одговор пред Господа вие шчо си ослепивте сами чедата ваши со јазик чужди, мртов и најм’чен! Шчо не само вие не пијате од водата Христова, туку и чедата ваши не ги напивате! Ели вака ке добијаме чест и пред љуѓе и пред Господа? Ели вака ке го употребваме духот и умот и разумот шчо ни ги дарва Господ за да имаме разлика од говедата!“
Според д-р Михајло Георгиевски, во заоставнината на Григор Прличев, од која еден дел се чува во Архивот на Македонија, а кој порано се чувала кај неговиот син Кирил Прличев во Софија, денес се зачувани девет слова и беседи од кои три се објавени од Кирил Прличев, а шест досега не се објавени.
Меѓу необјавените се и Словото за младите и Словото за среброљубието. Во вториот фонд на Прличев што се чува во Архивот на МАНУ, зачуван своевремено во Охрид од неговата ќерка Деспина, се наоѓаат 17 слова и беседи, расчитани од Блаже Конески и Михаил Петрушевски. Меѓу словата што досега не се објавени се Словото за решавање на црковното прашање, Словото за македонските епархии, Словото за доброто и за спасот на душата, заедно три надгробни слова, Словото за четириесетдневниот помен на Наум Налчинов и други.
Во словото одржано при погребот на Катерина Сарафова, учителка во Солунската гимназија, Прилчев меѓудругото вели:
„Животот е мачен. Да. Животот е тежок и одвратен, но животот е убав и мил кога човекот се труди да направи се добро што може да направи. Трудете се сите да и послужите на својата татковината.“
Во тоа време, додека трае „народниот подвиг“ за спас на народот, а во беседата се вели „не е ли срам голем за нас, сите братја наши да бидеет разбудени а ние сами да спијаме“, Григор Прличев, чиј релјеф на Порта Македонија со жестока боја од омраза го уништија „музевирите“, напишал песна која се пеела во Охрид:
„Водач ме праќа татковната, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе си ја спасиме, зашто бог е со нас!“
Песната „Водач ме праќа татковината“ е напишана пред 150 години, и не се однесува на денешните чкрапји и душмани. Сепак, сега повторно е некое време на огнови, лелекања и чкрапји, време кога од еден даден збор се прават сто збора за изговор, за негирање, за бегање од зборот а „сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит“ на зборот, „зашчо колај е от еден збор да извајт чоек многу зборој, ама многуте зборој да и соберит во еден збор тоа је мачно, тоа је божевна умшчина…“
Толку за Прличев, и за татковината.
И за чесните луѓе што си ја сакаат „таткојната појке од татка и мајка, и појке от себеси“.