Работните групи на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.
На последната средба што беше одржана завчера во Министерството за правда немаше никакво поместување во делот на разговорите.
-Немавме никакво поместување во делот на разговорите. Разговаравме за членот 105 кој е клучната пречка во донесувањето на законот, а тоа е околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега. Се договоривме ВМРО-ДПМНЕ да направат одредени дополнитени консултации и се договоривме наредбата средба да биде во петок, да видиме по тие консултации каде ќе можеме да најдеме заеднички став, изјави министерката за правда Рената Дескоска по завршувањето на средбата меѓу работните групи.
Таа повтори дека нивните црвени линии во донесувањето на законот се всушност во тој член со оглед на тоа што станува збор за член кој треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела и оти она што не може да биде прифатено во ниеден случај за Министерството за правда е внесување на одредби кои ќе значат скриена амнестија за одредени дела.
Според министерката за правда, веќе се кристализира дека СЈО ќе биде посебен орган, но тоа прашање, како што рече, целосно не е затворено, бидејќи сé уште се во фаза на постигнување договор.
Претставникот на опозицијата во преговорите Тони Менковски по средбата изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од принципот на владеењето на право што е преточено во амандманите.
Според него, мандатот на СЈО е јасно дефиниран во законот, 18 месеци од добивањето на нелегно стекнатите прислушувани разговори.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пак верува во процесот и, како што изјави ќе го почитува законското решение кое ќе го усогласат двете страни.
Посочи дека законот секогаш може подобро да биде формулиран и дека во суштина се надминати разликите за тоа што ќе работи СЈО.
Договорот за законот за јавно обвинителство е еден од условите за добивање позитивен извештај на Европската комисија.