Жителите на Пинтија синоќа на отворена средба директно ги изложија своите предлози, идеи и потреби пред градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и претставниците од општинските сектори. Овој работен состанок е дел од циклусот посети на месните заеници низ целата општина.
Средбата започна со евалуација на сработеното во изминатиот период. Присутните го поздравија асфалтирањето на улицата „Саса“, како и редовното одржување на јавната хигиена, парковите и детските игралишта.
Како особено значајна беше истакната изградбата на новиот објект на урбаната заедница Пинтија, проект кој веќе влегува во завршна фаза и наскоро ќе им биде предаден на користење на граѓаните. Дополнително, локалното население ја поздрави реализираната програма за субвенционирање на печки и пелети, потенцирајќи ја нејзината економска и еколошка корист за домаќинствата.

Во продолжение на дискусијата, фокусот се префрли на тековните предизвици и идните чекори. Жителите на Пинтија беа многу конкретни во своите барања, ставајќи го акцентот на сообраќајната безбедност и комуналното уредување. Како приоритет беше посочена потребата од поставување семафор на крстосницата каде булеварот „Борис Трајковски“ се вкрстува со улицата „Саса“, како и целосно уредување на сите автобуски постојки по должината на булеварот со соодветни настрешници и клупи.
Исто така, граѓаните побараа асфалтирање на кракот на улицата „Саса 14/3“, нивелирање на легнатите препреки низ населбата, како и засилено осветлување во паркот, на детското игралиште и на уште еден крак од улицата „Саса“. Меѓу истакнатите барања беше споменато и збогатувањето на детските катчиња со нови реквизити за најмладите.
Сите предлози и посочени проблеми беа детално забележани од стручните општински служби со цел да се изготви план за нивно ефикасно решавање. Теренската офанзива на локалната самоуправа продолжува, при што со овие посети ќе бидат опфатени сите месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода.




