Во Кинотека на Македонија вечер ќе биде прикажан филмот „Прашина“ од Милчо Манчевски како последен поздрав до доајенот на театарското и филмското глумиште Салаетин Билал.

Билал беше театарски, филмски и телевизиски актер кој студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје, а како актер гостува и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.

За своето актерско умеење бил награден како најдобар артист на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1976 и 1990 година, а на Театарските игри во 1992 година ја добил награда за најдобра споредна улога. Двапати бил добитник на наградата што ја доделува ревијата „Екран“ – Актер на годината во 1976 и 1977 година. Добитник е и на општествените признанија „13 Ноември“ – награда на градот Скопје за 1977 година, а во 1984-та го доби највисокото републичко признание наградата „11 Октомври“.

Во филмографијата на Салаетин Билал се вбројуваат многу филмски остварувања, но ќе останат запамтени и неговите телевизиски остварувања меѓу кои „Волшебното самарче“, „Итар Пејо“, „Солунски патрдии“, „Македонски народни приказни“, итн.

МИА