Во Проектната единица, која поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја формираше првенствено за изградба на новиот клинички центар, освен Андреј Жерновски ангажирани се уште четиринаесет лица, велат од Министерството за здравство за порталот А1он.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве во аферата Паразити објави дека Андреј Жерновски за работа на Клиничкиот центар, кој не се гради, зел 18.000 евра изминатава година и пол.
– Во Проектна единица појаснуваме дека се ангажирани 14 вработени кои имаат обврска да ги сервисираат сите објекти на јавните здравствени установи во РСМ во поглед на инфраструктура. Жерновски е ангажиран со договор на дело на позиција координатор на организациски единици во Министерството за здравство за работи во доменот на проектната единица, од април 2021 година. Месечно со договор на дело зема бруто-надомест од 60.000 денари, од кои една третина одат за придонеси, изјавиле од Кабинетот на министерот за здравство Беким Сали, за А1он.
Кабинетот на Сали не одговориле на прашањата на кои проекти конкретно работела проектната единица што ја координирал Жерновски, а Жерновски преку медиумите тврдеше дека не зел плата од Министерството за здравство туку дека бил ангажиран со договор на дело и дека не е ангажиран за новиот клинички центар ниту за болницата во Штип туку дека има ангажман во Министерството за здравство.