Со оглед на присвојувањето на св. Кирил и Методиј, а оттука и на св. Климент и Наум од страна на бугарската историја, сето тоа поврзано со негирањето на македонскиот јазик како јазик што има историски корен (оттука и „македонски јазик 2“ во францускиот предлог), во неколку продолженија, ексклузивно ќе го објавиме овој најнов научен труд на проф. Атанасовски, експерт за периодот што го засега оваа материја.

Денеска го објавуваме третото и последно продолжение

Пишува: Проф. д-р Александар АТАНАСОВСКИ

Третиот период на развој на бугарската книжевност е од 886 до 893 година, од појавата на бугарската црковно-словенска писменост до Преславскиот собор. Во почетокот на 886 година во Плиска пристигнале учениците на Кирил и Методиј, протерани од Сирмиум во Панонија после смртта на Методиј. Кнезот Борис ги примил радосно, надевајќи се дека со нивна помош ќе се спротивстави на доминирањето во бугарската држава на грчкиот јазик и писменост. Доаѓањето во Бугарија на словенските книжевници конечно ја определило следната јазична политика на Борис, кој што во своите стремежи кон етничка консолидација на бугарското општество решил да стави акцент токму на словенскиот, а не на протобугарскиот јазик. Исполнувајќи ја книжевната  должност, дојдените од Панонија Климент, Наум и Ангелариј започнале подготовка кон објавување на црковнословенскиот официјален јазик во бугарската држава и местната црква.

Во Бугарија било неопходно да се преориентира Кирило-методиевската јазична норма со панонски говор на бугарски, замена на фонетските и морфолошки  панонизми (моравизми) со соодветни бугарски. Има основа да се прифати дека откажувањето од Кирило-методиевските јазични норми и дијалектната  преорентација на словенскиот книжевно-литературен јазик во цел на негова адаптација кон бугарските услови биле не веднаш (во истиот час) по пристигањето на учениците на солунските браќа во Бугарија, туку после извесно време, кога потребната реформа постанала очевидна. Во најдобар случај тоа требало да се случи до Преславскиот собор 893 година и воведувањето во официјална употреба на словенските богослужбени книги.  Од сето тоа може да се согледа дека старословенското писмо и старословенскиот јазик започнале да се употребуваат во Бугарија после 893 година, нешто подоцна тој јазик започнал да се нарекува и бугарски. Тоа значи дека во основата на тој „бугарски“ јазик влегол јазикот и писмото што биле создадени за Словените во Македонија и Моравија, а не дека писмото било создадено за потребите на Бугарите. Познато е дека во почетокот во основата на старословенскиот јазик бил поставен солунскиот дијалект, исто така во Сирмиум јазичната норма била преориентирана на панонските говори, што можело  да биде направено под раководство на Методиј. Така идејата за адаптацијата на нормите на словенскиот книжевно-литературен јазик кон месните услови потекнува од солунските браќа, затоа јазичната и орфографичката реформа, направена во Бугарија , треба да се разгледува како непосредно продолжување на кирило-методиевата јазична политика. Сите аргументи сведочат дека дејноста на Кирил и Методиј не била наменета за Бугарите, туку за Словените надвор од бугарската држава.  Впрочем кога Бугарите го примиле христијанството 864-866 година, богослужбата се вршела на грчки јазик, а свештениците биле ракополагани од цариградскиот патријарх Игнатиј.

За приврзаноста на Константин – Кирил и Методиј кон словенскиот јазик сведочи и изјавата ва Византискиот император Михаил III, кој пред да ги испрати на мисија во Велика Моравија , ги повикал во дворецот и меѓу другото рекол: „Вие сте солунјани, а сите солунјани чисто словенски зборуваат“. Со ова искажување на византискиот император јасно се определува потеклото на браќата Кирил и Методиј и јазикот на кој ги превеле светите црковни книги –словенскиот.

Друг аргумент за словенското писмо и јазик е одлуката на папата Адријан II во Рим 869 година да дозволи „отслужување на литургија на словенски јазик“ во катедралниот храм „Св. Петар“. Освен тоа и изјавите на Црноризец Храбар, кога вели: „ако ги запрашаш Словените Кој ви ја создаде азбуката и ви ги преведе книгите? Тие ќе речат Св. Константин Филозоф наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ги преведе книгите, и брат му Матодиј“.

Моравската мисија на Константин-Кирил и Методиј исто така била резултат од обновениот бугарско-германски договор , насочен против Моравската држава на Ростислав. Таа мисија целосно била насочена против бугарската државна политика и бугарските интереси. Дејноста на Солунските браќа во таа мисија била антибугарска и антигерманска.

Бугарско-византиската војна завршила во 864 година со склучување на мир, според кој бугарскиот владетел Борис прифатил да се покрсти заедно со целиот народ. За таа цел во Бугарија бил испратен византиски епископ и други свештеници. Но Борис сакал да дознае нешто повеќе за христијанството и добрите закони од римскиот папа Никола I и за таа цел му испратил писмо. Одговорите на папата се значаен извор за состојбата во Бугарија. Двоумењето на Борис од кој центар да се изврши покрстувањето на неговиот народ било разрешено на Соборот во Цариград 869/70, кога било одлучено бугарската црква да се стави под јуриздикција на Цариградската и богослужбата во Бугарија да ја вршат византиски свештеници на грчки јазик. Во тој период Кирил и Методиј биле во Рим. Кирил починал во 869 година, а Методиј бил назначен за архиепископ на Панонија и Моравија.

Судирите помеѓу Цариград и Рим за јуриздикција над бугарската црква продолжиле и понатаму. Бугарскиот владетел Борис се сретнал со сериозен проблем, да ги пополни разликите помеѓу Прабугарите и Словените во неговата држава. За тоа се послужил со учениците на Кирил и Методиј, кои што по смртта на Методиј 885 година биле протерани од Моравија и дел од нив засолниште нашле во бугарската држава. Нив ги искористил Борис за да создадат словенски кадар кој ќе служи во црквите и со тоа ќе се ослободи од византиското влијание , кое што се ширело преку византиските свештеници. Во таа смисла е дејноста на Климент Охридски во Македонија, првин како учител, а потоа како епископ.

Тоа што го започнал кнезот Борис го заокружил неговиот син Симеон, кој што во 893 година во Преслав одржал црковно-народен собор, на кој што биле донесени повеќе значајни одлуки. За нас најважни се две , одлуката Климент да биде поставен за епископ на Тивериопол и Велика и државата понатаму да се вика Бугарија, а јазикот во неа да биде словенскиот (старословенски). Така мислел дека ќе ги помири двата етноси во својата држава Словенскиот и Бугарскиот. Научниците кои што ја застапуваат тезата дека на тој собор Св. Климент бил поставен за епископ од Симеон се повикуваат  на податоците од пространото климентово житие каде што се вели: „… откако се посоветувал со помудрите од своите блиски, кои што сите се однесувале кон Климент како кон татко и верувале дека само тоа е угодно на Бога кое што укажува почит на тој
човек, тој (Симеон) го поставил за епископ на Драгвиста (Дрембица) или
Велица (Велика) и така Климент станал првиот епископ на словенски јазик“. Сето тоа се случило на Преславскиот собор 893 година. Но, прашањето за овој хипотетичен собор ги разгорува страстите и денес на познавачите на оваа проблематика. Продолжува дискусијата по прашањето дали воопшто се одржал и дали тоа било од февруари 893 до март 894 година, како и во однос на местото на кое заседавал (Плиска или Преслав), решенијата кои што биле донесени за симнувањето на Владимир
и издигнувањето на Симеон, пренесувањето на престолнината од Плиска во Преслав, прогласувањето на словенскиот јазик за официјален јазик на државата и црквата, замената на глаголицата со кирилица и сл.  Златарски кој што прв пишува за тој собор, наведува дека Соборот го потврдува издигањето на Симеон на тронот, донесува решение за пренесување на престолнината од Плиска во Преслав и на крај го претвора словенскиот јазик во јазик на државата и Црквата.

Ѓузелев и Божилов посочуваат дека Соборот донел решение по прашањето за симнувањето на Владимир и издигнувањето на Симеон на престолот (признавање на легалното префрлање на власта од брат на брат) и за пренесување на престолнината. Анчо Калојанов, пак тврди дека Соборот бил само црковен и се одржал во 894 година, донесувајќи решение за преводот на книгите, т.е. за воведување на словенскиот јазик во литургијата. Мирослав Лешка е на мислење дека единственото прашање кое што било разгледувано на Соборот било проблемот за симнувањето на Владимир и издигнувањето на Симеон на тронот. Останатите решенија кои што му се препишуваат остануваат да висат поради недостиг на извори.

После овој собор во Бугарската држава официјален јазик станал словенскиот (старословенскиот). Тој јазик бил постепено адаптиран за потребите на црквата и администрацијата и од книжевниците почнал да се нарекува „бугарски“ според името на државата. Така започнува метаморфозата во сознанијата на  поколенијата, кои што сѐ повеќе заборавале дека Кирил и Методиј биле Словени, почнало да се наложува создаденото од  Симеоновите книжевници  дека солунските браќа се Бугари, кои  дале на сите Словени книги да читаат. Теза која и денес се провлекува  кај нашиот источен сосед, претежно во политичките кругови, но и кај некои книжевници и историчари. Исто така и јазикот наместо словенски почнале да го нарекуваат бугарски. Термин кој бил прифатен и од византиските писатели после 927 година. Тој јазик, иако словенски и во Второто бугарско царство продолжил да постои, но од бугарските и византиските книжевници бил нарекуван „бугарски“. Таа одредба била прифатена и од Турците Османлии, со тоа што кај нив јазикот се однесувал на вероисповеста, поточно на црквата, а не на државна припадност бидејќи држава Бугарија веќе од крајот на XIV  век не постои. Но, тој анахронизам е пренесен до денешни времиња и бугарските историчари и книжевници и денес старословенскиот јазик го нарекуваат старобугарски, од каде што ги влечат и своите идеи за бугарските корени на денешниот македонски јазик, кој што фактички се темели на јазикот што го создале Кирил и Методиј. За жал и некои наши политичари опиени само од желбата да се остане на власт ја прифаќаат таа идеја, дури и прифатија заедничко чествување на Кирил и Методиј, што нема ниту историска основа, ниту било каква смисла.

Да потенцираме уште еднаш, базата на денешниот македонски јазик е јазикот што го ширеле св. Кирил и Методиј, поточно преводот на светите книги од грчки на словенски (од солунската област). Тие корени се влезени и во денешниот бугарски јазик, но нешто подоцна од создавањето на словенското писмо, и затоа можеби би било коректно бугарските историчари и книжевници, а посебно политичарите да признаат дека основата, коренот на македонскиот јазик и на бугарскиот е старословенскиот јазик, а писмото старословенското, онаа што го создале св. Кирил и Методиј.

(Крај)