Генерално, балканските земји ја добија оваа битка со КОВИД-19, а одредени прогнози покажуват дека епидемискиот бран би требало да заврши до крајот на месец мај или почетокот на јуни, вели во интервју за Агенција Анадолија (АА) проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика на Медицинскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Во однос на прашањето зошто во балканските земји бројот на заразени од КОВИД-19 и смртните случаи е помал отколку во другите поголеми и поразвиени земји во светот, проф. д-р Данилоски појаснува дека најрелијабилен показател на динамиката на пандемијата не е бројот на заразените, туку бројот на смртните случаи, затоа што бројот на заразените e зависен од бројот на тестираните лица.

 Балкан: Задолжителните вакцинации како предност во борбата против КОВИД-19

Според неговото мислење, една од причините за ниската стапка на смртност предизвикана од КОВИД-19 кај земјите во регионот може да е и фактот што сите балкански земји до пред триесетина години имаа социјалистичко општествено уредување, со централизирани здравствени системи, во кои беа задолжителни вакцинации на населението против многу заразни болести. Истовремено, тој надополнува дека богатите западноевропски земји и САД имале релативно полиберални здравствени системи и во најголем дел од нив вакцинациите не биле задолжителни.

„Во тој контекст, се појавија интересни претпоставки, дека сите популации во кои била задолжителна вакцината против туберкулозата (BCG) или детската парализа (полиомиелитис) по правило сега имаат пониски стапки и на заболени и на умрени од КОВИД-19. Можно е да е така. Се претпоставува дека кај такви лица имунолошкиот систем има поголема реактибилност при инфекција со новиот коронавирус, т.е. тој ќе развие повисок титар на одбранбени антитела, во споредба со имунолошките системи на оние кои не биле вакцинирани. Врз основа на оваа логика, во Австралија започна проспективна студија во која ќе се проверува протективната моќ на BCG-вакцината. А во Германија масовно се вакцинираат повозрасните категории на граѓани против пневмокок (Streptococcus pneumoniae, чест предизвикувач на пневмонии), за индиректно да се зајакне нивниот имунолошки систем“, истакнува проф. д-р Даниловски.

Тој додадва дека можна причина е и фактот што пропишаните рестриктивни мерки технички е полесно да се спроведат и да се контролираат во мали земји, како балканските, отколку во земји со големи популации.

Турција – позитивен пример за успешно менаџирање со пандемијата

Oсврнувајќи се на стапките на умрените лица во некои европски земји и во Соединетите Американски Држави (САД) и балканските земји (според податоците од сајтот worldometers.info), проф. д-р Даниловски вели дека јасно се гледа дека сите балкански земји имаат 10-20 пати пониски стапки на смртност.

„Се поставува прашањето, на што се должат овие разлики? Големините на популациите не би можеле да претставуваат главен фактор, зашто, на пример, скандинавските земји имаат слични по големина популации како балканските, а сепак, стапките на смртност им се најмалку 10 пати повисоки. Сепак, точно е дека во принцип, земјите со поголеми популации имаат поголема смртност. Овој факт е реалност, независно од нивото на развиеност на државите. Па така, САД имаат највисока стапка на починати на милион жители (183), а неспоредливо посиромашната Албанија има само 10 на милион. Факт е дека полесно се управува со епидемија во земја со 2 милиони население, отколку со 330 милиони (САД). Во категоријата земји со големи популации позитивен пример за успешно менаџирање со пандемијата претставува Република Турција, која со население од повеќе од 80 милиони, има смртност од КОВИД-19 од само 37 на 1 милион“, истакнува проф. д-р Даниловски.

Проф. д-р Даниловски смета дека земјите од регионот досега добро се справуваат со коронавирусот, иако сите балкански земји се неспоредливо посиромашни од другите европски земји. Меѓу претходно наведените причини за ваквата состојба, тој смета дека и мерките во целиот регион беа порестриктивни и поблаговремено спроведени.

„Јас дури сум на мислење дека требаше да се спроведат уште порано, како во земјава, така и во регионот. Така ќе имавме шанса да ги пресечеме ланците на инфекции, уште додека бројот на заразени беше двоцифрен (во првата половина на месец март 2020). Пропорционално и смртноста тогаш ќе беше помала. Меѓутоа, секогаш постои еден вид инертност кај сите власти, кога станува збор за повинување на сугестиите на здравствените експерти. Никој во светот тогаш докрај не веруваше дека болеста ќе поприми пандемиски размери. Што и не е за изненадување, со оглед на фактот што со пандемија светот се нема соочено уште од 1918-1920 година (пандемијата на „шпанскиот грип“)!“, вели проф. д-р Даниловски, додавајќи:

„Можеби не ни изгледаше многу веројатно дека од Кина, вирусот толку молскавично брзо ќе се прошири низ целата планета. Дури и кога станавме сведоци на апокалипсата во Италија, сè уште не бевме убедени дека несреќата ќе нè погоди и нас, на Балканот! Тоа се случи преку нашите граѓани што се враќаа од Италија. И внесените „искри“ веднаш да почнат да се распламтуваат.“

Пожарот не прерасна во огнена стихија

Проф. д-р Даниловски е со став дека основната цел во борбата против коронавирусот е постигната со тоа што не е пречекорен капацитетот на здравствениот систем во земјава.

„Покрај сите „несовршености“ во спроведувањето на рестриктивните мерки (на пример, неблаговремено целосно затворање на границите, доцнење со мерката задолжително носење на маски итн.) сепак мислам дека основната цел сите успеавме да ја постигнеме, а таа е израмнување или растегнување на епидемиската крива, за да не се дозволи пречекорување на капацитетот на здравствениот систем. Пожарот не прерасна во огнена стихија“, вели тој.

Исто така додава и дека ефектите ќе беа подобри ако паралелно со рестриктивните мерки се спроведуваше и рано, што помасовно тестирање на популацијата (пред сè, ризичните групи), со помош на брзи серолошки тестови, заради детектирање на скриени кластери на инфекции, со цел тие што порано да се изолираат.

„Кај нас се планира такво тестирање кон крајот на месец мај, т.н. студија на серопреваленција, која ќе има за цел да се согледа обемот и дистрибуцијата на веќе имуни лица меѓу општата популација. Со тоа би се стекнала претстава за нивото на колективниот имунитет на населението. А од тој податок може да се пресмета ризикот за настанување на нов епидемиски бран на болеста, штом рестриктивните мерки ќе бидат релаксирани. Општо земено, сите балкански земји ја добија оваа битка со КОВИД-19“, заклучува проф. д-р Даниловски.

Во врска со неговите прогнози во однос на ширењето на вирусот и состојбата која нè очекува во земјата, во регионот, но и на глобално ниво, проф. д.р Даниловски вели дека епидемискиот бран би требало да заврши до крајот на месец мај или почетокот на јуни.

„Отприлика такви се прогнозите и за регионот, но и за светот. Сè уште не се знае како ќе се развиваат работите во Африка. Таму изгледа дека пандемијата е на почетокот. Бидејќи вирусот не го познаваме доволно, не можеме да претпоставиме со сигурност како тој ќе се однесува понатаму“, смета проф. д-р Даниловски.

Вакцината како најдобра надеж за колективниот имунитет

Во моментов постојат три непознати моменти кога станува збор за коронавирусот. И секој од овие фактори ќе влијае на идната инфективност на болеста.

„Сè уште не знаеме дали коронавирусот ќе добие сезонски карактер, како грипот, или ќе биде прилично константен во текот на целата година. Не знаеме колку овој коронавирус ќе мутира со тек на време. Вирусите кои предизвикуваат грип постојано мутираат, па затоа луѓето имаат потреба од годишни вакцинирања. Ќе видиме што ќе биде со овој коронавирус. Тој веројатно мутира со побавна стапка и ако продолжи да циркулира, ќе видиме какви промени се предизвикани. Прашањето е што ќе направат тие промени: дали ќе го направат вирусот подобар во избегнување на нашиот имунолошки систем или можеби, ќе стане полесно пренослив?“, вели д-р Даниловски и додава:

„Не знаеме колку долго оние што се заразуваат се последователно имуни. Некои други вируси во семејството коронавируси, како што се оние кои предизвикуваат обична настинка, обезбедуваат имунитет само околу три месеци. Се проценува дека треба да бидеме имуни на коронавирусот најмалку една година, можеби две, со цел населението да изгради колективен имунитет. Ако тоа не е случај, нашата најдобра надеж за колективен имунитет е вакцината.“

За тоа кој е патот понатаму, проф. д-р Даниловски смета дека засега, пред да се постигне целосна заштита преку колективниот имунитет, најдобрите активности што владите можат да ги преземат се да ја држат јавноста информирана, континуирано и масовно да се спроведуваат тестирања и да го намалат ширењето со стегање на социјалните контакти.

„Се покажа дека пристапот со слободно пуштање на вирусот да се шири низ популацијата (што се обидоа да го применат некои земји, па го напуштија), за да се стекне колективен имунитет за кратко време, е сосема неприфатлив, затоа што бројот на тешки случаи и смртни исходи толку нагло се зголемуваше, што почна да го пречекорува капацитетот на нивните здравствени системи. Етичките и хуманите аспекти да не ги ни спомнуваме“, истакнува проф. д-р Даниловски.

Полицискиот час наскоро би требало да се укине

Според проф. д-р Даниловски, веќе се создадени услови за делумно релаксирање на рестриктивните мерки, затоа што, како што вели тој, „базичниот репродуктивен број на вирусот некаде од 15 април е на ниво под 1,0. Но, тоа никако не значи дека смееме да се опуштиме“.

„Многу лесно може да дојде до повторно враќање на проблемот. Сè додека не се достигне прагот на колективниот имунитет од 60 % или не стане достапна вакцина против КОВИД-19, ќе мораме да се навикнеме на „ново-нормално“ (new normal) живеење, дури и кога ќе биде повлечен полицискиот час. Тоа ќе биде живеење со вирусот покрај нас, со придржување кон нови правила на однесување, кои ќе бидат во функција на редуцирање на шансите за пренос на вирусот.“

Тој укажува дека полицискиот час наскоро би требало да се укине.

„Значи, полицискиот час, ако не се случи нешто непредвидено, би требало наскоро да се укине, рестораните и кафулињата да се отворат, но да работат под посебен режим на одржување дистанца помеѓу гостите, ќе проработат и сите јавни места и сервиси, ќе се отворат делумно границите, а од септември и училиштата и факултетите. Сето тоа со една постојано нужна, задолжителна мерка – носење маски или марами преку носот и устата! Ако таа мерка не се почитува, тогаш сè што е постигнато, многу брзо ќе се поништи.“

За тоа што ќе биде понатаму во однос на состојбата со коронавирусот, проф. д-р Даниловски вели: „Вирусот е дефинитивно меѓу нас. По сè изгледа ќе треба да се навикнеме наредните години да не очекуваме само „сезони на настинки и грип“, туку „сезони на настинки, грип и КОВИД-19“. Значи, по аналогија со вирусот на грипот и други респираторни вируси, КОВИД-19 најверојатно ќе стане сезонско заболување. Малку е веројатно да исчезне засекогаш. Последните податоци од Африка покажуваат дека многу веројатно, високите температури не му влијаат значајно, освен што го забавуваат во извесна мера.“

– „Неприфатливо и нехумано е заговарањето на брзо обезбедување колективен имунитет“ –

Како што поминува времето, проф. д-р Даниловски вели дека е неизбежно колективниот имунитет постепено да се зголемува.

„И тоа ќе се случува со помала или поголема динамика, во зависност од нивото на релаксираност на рестриктивните мерки, кои во одредена минимална мера треба да останат на сила и тогаш кога епидемиското ширење сосема ќе престане, сè додека не се пронајде вакцината. Во моментов се тестираат преку 90 разни т.н. кандидати за вакцини, некои од нив и на доброволци. Сепак, додека не се проучат сите можни негативни ефекти од нив, не смее да се дозволи масовна употреба. Се проценува дека е потребно уште најмалку една година додека да се добие навистина безбедна вакцина.“

Дотогаш, според проф. д-р Даниловски, на располагање ни се, од една страна, „средновековните“ рестриктивни мерки и мерките за намалување на трансмисибилноста на вирусот (носење маски, хигиена на раце, одржување социјална дистанца) и од друга, трасирањето на контакти со помош на мобилни апликации, како и масовно серолошко тестирање.

„Идејата е да „купиме“ време (до вакцината), а да поминеме со што помал број жртви – и човечки и економски. Неприфатливо и нехумано е заговарањето на брзо обезбедување колективен имунитет, без оглед на многукратно поголемиот број смртни случаи! Исто така, контрапродуктивен е и другиот екстрем: мерките да бидат толку рестриктивни и долготрајни, што да настане комплетен колапс на општеството. Мерките никогаш не смеат да предизвикаат повеќе штета, отколку причината за нив“, порачува проф. д-р Даниловски.

Лекции од кризата: „Научивме повторно да бидеме луѓе“

Од кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, според проф. д-р Даниловски, човештвото научи многу нешта, меѓу другото и дека „светот станал едно глобално село“. Како што истакнува, научивме и кои се јаки, а кои слаби страни во системот на одбрана и заштита од масовни катастрофи во државата. Научивме што треба да се менува во системот – што можеме да подобриме, а што да отфрлиме.

„Научивме дека успешноста во справувањето со пандемијата, општо земено, воопшто не зависела од нивото на развиеноста, богатството на земјите. Научивме дека колку и да се ефикасни рестриктивните мерки, секогаш ќе има незадоволници. Научивме дека при заедничка закана, само заедништво ни е потребно, независно од политички, религиозни и други разлики. Научивме колку е лесно да се стане жртва на невидливиот непријател. Научивме кои меѓу нас биле маскирани егоисти, а кои вистински пријатели. Научивме колку многу значело излегувањето на чист воздух и физичката активност. Научивме повторно да бидеме со семејството. Научивме да читаме. Научивме повторно да бидеме луѓе“, заклучува епидемиологот проф. д-р Даниловски во интервјуто за Агенција Анадолија (АА).