Преземање на струја од европската мрежа се врши во посебни услови, при хаварии или непогоди, па се прибегнува кон земање електрична енергија од заедничкиот европски „бунар” кој е со ограничен капацитет и тогаш зборуваме за хавариско преземање, вели проф. д-р Костадин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ.
Димитров изјавата за порталот МКД ја дава по драматичната изјава за ТВ Телма на директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани дека Македонија четири пати без најава презела струја од европската мрежа поради недостиг во земјава.
Тој нагласува дека преземање струја се прави со најава и тогаш цената е двојно – тројно повисока од таа што би се купила на пазарот.
– Ќе те удрат по прсти за преземањето без најава. Која е разликата меѓу кражба на струја и земање без најава? Како и да е, тоа преземање е скапо и цената на балансирачката енергија се менува од час во час. Директорот вели дека можеби тоа земјава ќе ја чини 10 милиони, можеби и 15 милиони евра само за еден месец, а јас велам, не се знае, можеби ќе чини толку, а можеби и 20 милиони евра, пари кои ќе се платат од сите нас, од народот, вели Димитров.
Тој потенцира дека тоа никој од одговорните нема да го почуствува на својот грб, ниту во Владата, ниту пак во ЕСМ или МЕПСО ќе примаат минимална плата како што е тоа случај со секој загубар.
Димитров вели дека сега „ЕСМ како да е на распродажба иако порано работеше со профит“.
– Струја има, но не во Македонија. Има во Србија, има во Германија, има во многу држави. Каде е проблемот? Проблемот е во тоа што Македонија не произведува струја колку што произведуваше порано. ТЕЦ Битола не работи како што треба заради несоодветно одржување, а и да работи, не е обезбеден јаглен, вели Димитров.
Според него, проблемот во Македонија е пред сѐ политички бидејќи од Владата се назначуваат луѓе, кои не знаат или не сакаат да реагираат навреме или пак станува збор за намерно уништување на системите со цел да падне нивната вредност и некој да ги купи.
Извор: МКД.МК