Советот да гаснеме сијалици или да се бањаме еднаш неделно не претставува мерка, туку од Владата треба да се финансира поставувањето на фотоволтаични сончеви колектори за домаќинствата, како и да се намали потребната документација за нивно воведување, што би ги помогнало електростопанството и буџетот, а би ја намалило и енергетската сиромаштија, вели универзитетскиот професор Константин Димитров, коментирајќи ги за Нова Македонија мерките за заштеда на електрична енергија до 15 отсто што вчера ги донесе Владата.
За домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат, зашто во спротивно ќе следуваат санкции. На домаќинствата им се препорачува вклучување бојлер само кога има потреба од топла вода и по можност на евтина струја, разумно користење на грејните тела, рационална употреба на сијалици и користење повеќе дневно светло, изолирање на таваните, надворешните ѕидови и прозорците…
– Граѓаните се на граница на штедење. Тие, на пример, веќе ги вклучуваат машината за перење алишта ноќе поради заштеда при сметките за електрична енергија. Но, навикнати се на одреден комфор и не можат повеќе да ја намалат потрошувачката, освен воопшто да не трошат електрична енергија, вели Димитров.
Тој ја нагласува важноста од поставување на фотоволтаични сончеви колектори за домаќинствата, посочувајќи ги примерите од соседството, како и можните придобивки.
– Регионот стимулира поставување на фотоволтаични сончеви колектори до седум и до 10 киловати со субвенции или со кредити, како што е случај во Србија и во Црна Гора. Кај нас пак, се отежнува вложувањето во нивно поставување бидејќи не се предвидени субвенции, а потребната документација е обемна и вклучува четири институции. Преку поставувањето на фотоволтаични колектори за домаќинствата Владата би го преземала вишокот на произведена електрична енергија по цена пониска од 40 евра за мегават/час, наместо да плаќа 450 евра за мегават/час. На тој начин се помага електростопанството, буџетот, се намалува енергетската сиромаштија. Не претставува мерка советот да гасиме сијалици или да се бањаме еднаш неделно, туку поставувањето на фотоволтаични колектори да се финансира со 50 до 60 отсто и да се намали потребната документација, смета Димитров.
Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ќе стапат во сила од 1 септември, а ќе важат до 31 март в година.