Ова што го гледате на сликата, драги Македонци, е медалот заслуги за Македонија, објави на својот профил на Фејсбук, хрватскиот проф. д-р Горан Калоѓера.
Тој бара македонско државјанство за себе и за неговата сопруга, исто така универзитетски професор.
Проф. Калоѓера во безброј наврати го докажал своето пријателство кон Македонија и Македонците и тоа што почитуваниот професор го бара и го смета за своја чест, треба да биде чест и за Македонија. Нему македонскиот пасош и државјанство, како државјанин на Република Хрватска, членка на ЕУ, нема практично многу да му користи, но треба да биде чест за Македонија кога многу Македонци бараат пасоши од земји членки на ЕУ, Хрват да бара македонски пасош. И, со оглед на неговата децениска борба за афримација на Македонија и Македонците, од поодамна, заслужено требало да го има, и пасошот и државјанството на Република Македонија.
Во продолжение целата објава на Калоѓера, кој со Македонија е поврзан уште од 1980 година и најголем број од 40-тината објавени книги се поврзани со Македонија:
Никогаш порано не сум го користел, едноставно, го прифатив како признание за моите заслуги кон македонската наука. Со оглед на тоа што барам мислење од македонскиот народ, а не од владејачките структури, е следново: Барам за мене и за жена ми македонско државјанство. За мнозина можеби ова е глупо, но за мене е многу важно.
Јас сум македоннист од 1980 година, основач на македонски студии во Риека, надворешен член на Друштвото на писатели на Македонија, почесен доктор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, основач на Лекторатот за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, proffesor emeritus на Универзитетот во Риека.
Објавив 41 книга, од кои 30 се поврзани со Македонија. Јас сум основач на симпозиумите за хрватско-македонски лингвистички, литературни и културни врски, кои произведоа пет симпозиуми и исто толку зборници.
За сето тоа имав поддршка од мојата сопруга, која е редовен професор по американистика на Филозофскиот факултет во Риека, која одржа голем број предавања и објави неколку статии за врските на Македонците и нејзината дијаспора во светот.
Човек си ги знае границите. Моите се при крај и како ако не добијам државјанство да го заокружам мојот научен циклус за македонистиката? Со македонскиот народ сум бил од 1980 до денес. Во добро и во лошо. Сакам да го заокружам овој циклус со добивање државјанство (за мене и за сопругата).
Сега му се обраќам на македонскиот народ, ако ме поддржувате, кренете палец горе, ако не палец долу. Во зависност од вашите реакции, ќе ги направам следните чекори. И на крај морам малку да бидам злобен, во овие 40 години и повеќе, многу македонски пријатели ми кажаа дека тоа требаше одамна да се случи, без јас да барам. А сега јас барам. Ајде да видиме како дише народот, а како тие што сега се на власт.
(Подготвил: Д. Г.)