Мерките кои се спроведуваа најчесто беа под импресија на јавното мислење или со други намери, немаа за цел намалување на бројот на заболени, но постигнаа ефект што некој го очекуваше, а тоа е силен удар врз економијата и силен удар врз човековите права, вели проф. д-р Вело Марковски.

Инфектологот Марковски во интервјуто за порталот Локално вели дека рестриктивните мерки од типот на полициски час, забрана за движење, карантин… поркај тоа што не даваат никаков ефект во справувањето со пандемијата, немаат ни научна поддршка.

-Не може да се спречи ширење на горно респираторна инфекција со вакви мерки. Од друга страна мерките кои во изминатиов период се спроведуваа најчесто беа под импресија на јавното мислење или со други намери, немаа за цел намалување на бројот на заболени, и со самото тоа не ни постигнаа намалување на бројот на новоинфицирани. Но, постигнаа вероjaтно ефект што некој го очекуваше, а тоа е силен удар врз економијата и силен удар врз човековите права. Во исто време пораз на медицината каков досега не е виден, враќање на научните медицински сознанија за најмалку 100 години, и во лекувањето и во превентивните мерки. Се избриша инфектологијата и епидемиологијата, доктрини прават сите само не тие што се најповикани, а тоа се инфектолозите кои работат со респираторни инфекции, вели Марковски.

Тој смета дека новата мерка полициски час е апсурдна и дека со нејзиното воведување нема да има промена во епидемиолошката состојба во земјава.

-Ефект на што? Која е целта? Што се очекува? Ако се мисли дека ќе се намали бројот на новозаразени, нема да има никаков ефект, впрочем сигурен сум дека и тие што ја предложиле таа мерка се сосема свесни за апсурдноста на вакви мерки, и воопшто не очекуваат да има промена во епидемиолошката состојба, вели Марковски.