Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век, пишува проф. д-р Митко Б. Панов, во врска со присвојувањата на светите Кирил и Методиј.
„Уште повеќе, ваквите присвојни тенденции отворено се пројавуваат и во современието, прераснувајќи во политичко прашање на современиот идентитет и наследство. Затоа, добро е накратко да го согледаме историскиот контекст, за да се обидеме да разбереме зашто во 21 век, некои европски држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните просветители, проектирајќи ги своите политички догматизирани историски ревизионизми во минатото“, пишува Панов.
Професорот Панов во пообемниот текст ги појаснува присвојувањата и бугаризацијата на солунските браќа:
„…Проектирана адаптација на изворната терминологија била искористена од лидерите на Бугарско-влашката држава кон крајот на 12 и почетокот на 13 век за демонстрирање на сопствените претензии кон Македонија и на Охридската архиепископија. Преку копирањето и адаптирањето на византискиот конструиран наратив, што го вклучувало и манипулирањето со терминологијата и измислувањето на традициите, тие го иницирале вештачкиот процес на „бугаризација“ на Светите Кирил и Методиј. Тоа претставувало начин да се креира историско оправдување за претензиите кон византиската територија и Охридската архиепископија, иако Кирил и Методиј немале ништо заедничко со бугарската држава во 9 век“, пишува Панов.
Напротив, додава професорот Панов, изворните сведоштва јасно демонстрираат дека нивното дејствување, првенствено на Методиј, било насочено кон спречување на бугарските напредувања кон Македонија, како византиска територија.
Целата статија на проф. Панов, историчар, универзитетски професор при Институтот за национална историја во Скопје, може да го прочитате ТУКА.