Ако тогаш, на 8 септември 1991, ден кога секогаш ме облева чувство на среќа, но и по некоја солза од радост, почнавме да градиме независна држава – свој Устав, свои закони, пари, знаме, институции, инфраструктура… а со текот на годините постојано се боревме за зачувување на македонскиот идентитет, културата, јазикот, верата и она што најмногу нè боли – името, денес сме соочени со една нова современа реалност – да се изградиме и да се зачуваме себеси не само во онлајн-просторот туку да постигнеме целосна дигитална независност.

Дигитален суверенитет или независност за многумина ќе звучи невообичаено, неразбирливо или дури можеби и како научна фантастика, но Македонија мора да оди во чекор со она што го носи технологијата.

Фотографијата е идеја на авторката на текстот и е генерирана со „Чет ГПТ“ (ChatGPT)

Во 1991 година, во тогашна Македонија, никој не користеше интернет, а денес тоа го прават девет од десет нејзини жители. Повеќето од нив имаат по неколку профили на социјалните мрежи, а голем дел користи вештачка интелегенција. И токму таа, вештачката интелегенција, од која секојдневно бараме одговори, треба да ја насочиме да дава вистински одговори за нас, за нашата држава, културата, јазикот, историјата, идентитетот… за да се зачуваме себеси и во тој виртуелен свет.

За да најдам историографски податоци за тоа каде сме биле ние тогаш на овој план, пред 35 години, консултирав вештачка интелегенција. Во 1991 година интернетот во Македонија практично не се користел меѓу граѓаните. Податоците на ITU/World Bank за Македонија покажуваат 0 % корисници во 1991 година, а првите забележани корисници се појавуваат во 1995 година со речиси 0,04 % од населението. Уште поинтересно е што интернетот во Македонија почнува да се развива токму неколку години по независноста: во 1991 практично нема интернет за пошироката јавност, во 1995 се формира „МАР нет“ при УКИМ, со што академските институции добиваат интернет-пристап. Во 1995 U NET наведува дека е формиран како прв интернет-провајдер во Македонија. Во 1996 речиси 0,076 % од населението користат интернет, во 1997 приближно 0,5 %, во 2000 речиси 2,5 %, веќе во 2002 има скок на речиси 17,3 %, во 2010 повеќе од 51 % и податокот за 2024 вели дека приближно 93,6 % од населението користат интернет.

Паралелно со зголемувањето на пристапот до интернет на граѓаните и бизнисите се развиваат и се користат бенефитите што тој ги носи како во образованието, професионалниот, така и во приватниот живот. Почнува дигитализацијата, која сè уште трае. Меѓутоа, исто така се зголемуваат и ризиците од злоупотреби, особено меѓу младите и повозрасните, но и кај граѓаните, кои не се доволно едуцирани или свесни дека приватни содржини – фотографии, видеа, лични податоци, сметки… не треба да споделуваат, особено не на социјалните мрежи при користење вештачка интелегенција и со непроверени е-трговци.

Проф. д-р Димитар Трајанов: Дигитална незавиност за зачувување на нашата посебност и потреба за иднината     

Професорот Димитар Трајанов од ФИНКИ, кој воедно е и прв човек на Националниот центар за вештачка интелегенција „Везилка“, во 1991 година имал 19 години и воопшто не мислел дека тоа што се случува со технологијата ќе биде вака како што е денес. Сè се менува толку бргу, вели тој во разговор за МИА, што пред 35 години и пред десет-пет години тоа изгледаше многу далечно, како дел од некаков научнофантастичен филм.

– Од денешна перспектива изгледа прилично реално дека веќе имаме некоја интелигентна технологија, која може да ги прави повеќето од работите што ги прават луѓето и во некои ситуации да ги прави дури и подобро. Ние интернет добивме релативно бргу во Македонија. Јас бев синтелигентна уште на факултет, 1995/96, тогаш кога интернетот почна да работи. На Машинскиот факултет имаше интернет, имаше графички станици и добивме пристап до сето тоа и тогаш тоа беше невидена технологија. Исто така, она што е многу битно е што ние како помала држава имавме релативно добар интернет, добра интернет-конекција во споредба со соседството и со просекот на државите што ги имаме, пред сè, благодарение, да кажеме, на полибералната рамка на додавање на телевизиите, интернет-провајдерите итн. – раскажува проф. Трајанов додавајќи дека веројатно тоа се должи и на политиките што ги спроведувале нашите влади.

Ние сме мала држава, вели тој, и не можеме да се мериме со големите, меѓутоа, на пример, во поглед на брзината со која добивме интернет, оптички поврзувања, 3Г, 4Г, 5Г, сме релативно во топ-државите. – И тоа во некоја смисла Македонија ја става во некои нормални технолошки рамки. Уште еднаш – малечки сме, не можеме да очекуваме она што се прави во Америка да го правиме и ние. Треба да бидеме реални – истакнува професорот Трајанов.

Разговорот нè води до сегашноста, до дигитализацијата, на која поинтензивно треба да работиме, но и до актуелната дебата за дата-центрите за кои вели дека ќе ни помогнат државата да изгради дигитален суверенитет и чување на нашите податоци дома. Трајанов потенцира дека ако не направиме дата-центри кај нас, ќе бидеме ВИ-колонија, а обработката на нашите податоци ќе биде во туѓи раце.

– Ова што сега се случува со дата-центрите… мене ми е просто неверојатна целата таа работа во смисла на отпорот што се создава кон тоа. Мора да ставиме баланс на технологијата. Која било технологија носи и добри и лоши работи. Сите возиме автомобили, има и проблеми со нив, ама се откажуваме ли од нив? Не се откажуваме. Отпорот кон новите технологии ќе нè доведе и ваквата позиција што ја имаме како мала држава да си ја влошиме. Тука мораме да бидеме отворени, да го поддржиме тој пат на нова технологија. Ако не направиме дата-центри кај нас, ќе бидеме, тоа има посебен назив, ВИ-колонија. Добар дел од работите ги даваме на „Чет ГПТ“ (ChatGPT) или на „Облак“ (Claude)… Замислете, сето тоа во Америка се наплаќа, или ако направат во Грција дата-центар, таму ќе биде обработката на податоците. Ако ние не направиме наши дата-центри, ако не дозволиме да се прават, без ВИ голем дел од работите нема да може да се извршуваат, тоа значи сè што ќе правиме ќе оди во Германија, во Америка, во Грција итн. Ќе се прави тоа некаде, ние нема да престанеме да го користиме – објаснува професорот Трајанов.

Секогаш има отпор кон нова технологија и не е ова првпат, додава тој, потсетувајќи дека кога била индустриската револуција ги кршеле машините. – Не е ова прва технологија што влегла во животот на човештвото, но предностите што ни ги нуди новата технологија се далеку поголеми од маните што ги има – нагласува проф. Трајанов. За дата-центрите се зборува дека трошат многу струја и, да, вели тој, но секоја компанија во Македонија струја купува на отворен пазар. И да е така, додава, тоа би можело да предизвика да се направат повеќе фотоволтаични централи. Македонија, потенцира професорот од ФИНКИ, треба да има релативно помали дата-центри, кои ќе ги опслужуваат нејзините корисници.

Како да се доближат придонесите на новите технологии, во актуелниов случај кај нас со дата-центрите, професорот Трајанов смета дека, прво, треба да се објасни што носат новите технологии, кои се бенефитите што би ги донеле, второ, што е особено битно, е што нашите податоци ќе има можности да си останат кај нас, од сигурносни и од какви било други причини.

– Бенефитот што државата, општеството, граѓаните би го имале да имаат дата-центри тука отколку да ги немаат е далеку подобар од неколку причини. Ќе бидат кај нас, читав некои коментари, иако дата-центрите не вработуваат илјадници луѓе, ќе бидат 50 луѓе. Наместо тие 50 луѓе да се иселат, ќе може да работат. Ако не, ќе одат во Германија во дата-центарот и ќе работат, така? Дата-центри ќе има во иднината. Можеби некои професии ќе се сменат, ама ова се новите работни места што ние мора да си го обезбедиме да го имаме – вели проф. Трајанов.

Уште побитно, потенцира тој, е што нашите податоци ќе има можности да си останат кај нас, од сигурносни и од какви било други причини.

– Сега вие сè што ќе напишете оди во Америка, во Кина, ќе оди некаде… мора да се процесира некаде. Ако дата-центарот биде тука, ќе се процесира кај нас, можеме да си ставиме наши правила, наши работи, наша контрола над процесите. Зборуваме за дигитален суверенитет на државите, или ќе бидеме дигитално суверени или ќе бидеме дигитална колонија, нема друга работа. Наш е изборот во која насока ќе тргнеме. Дигитализацијата и (ВИ) вештачката интелегенција нема да ги сопреме. Треба да најдеме начин како да се приклучиме на текот и како да ја направиме безбедна за користење од страна на граѓаните. Тука мора да има соодветна регулација. Не треба да ја испуштиме шансата за иднината, односно да направиме дупка во тоа. Да не ја испуштиме оваа следна технолошка – дигитална работа поради дневнополитички работи или уште повеќе – небалансирање со бенефитот од технологијата – потенцира професорот Трајанов.

Зборувајќи за концептот на дигитален суверенитет, односно дигитална независност, професорот објаснува дека мораме да бидеме свесни дека ако нешто немаме дигитализирано во овој нов свет е исто како да не постои.

– Ова особено станува битно во ова време кога имате технологии, како „Чет ГПТ“ (GhatGPT), па викате за ова ќе го прашам „Чет ГПТ“ итн., во која мера ние ќе успееме во иднина да ја задржиме нашата посебност, нашиот дел од вистината, историјата, културата итн. Една од насоките на проектот „Везилка“ му е да помогне бидејќи многу од работите што беа вака пишани се префрлаат во дигиталниот свет и ние мораме да бидеме свесни дека ако нешто го немаме дигитализирано во овој нов свет е исто како да не постои. Значи, работите што се поврзани со наша историја, наш јазик, ако не успееме да ги дигитализираме, и не само тоа, туку треба да ги спремиме во формат на отворени податоци и да ги дадеме на „Чет ГПТ“ и на „Облак“, на „Антропик“ (Аnthropic) да тренираат на нив. Ако не го направиме тоа, нашето знаење нема да биде составен дел од моделот – нагласува проф. Трајанов.

Поедноставува дека кога „Чет ГПТ“ одговара на прашање, тој чита од тоа што било достапно, прави негова верзија на вистината од достапните работи и врз база на тоа одговара. Кога има малку информации од една култура и јазик, а многу повеќе од други култури и јазик, одговорот е: „Аха, од ова имам десет информации, а од оваа има само една, најверојатно оваа од десет е точна“. – Не само ние, туку сите мали народи ќе почнат да се губат, ќе ја изгубат таа посебност – вели проф. Трајанов.

Во Националниот центар за вештачка интелегенција „Везилка“ веќе се вклучени повеќе институции и компании, но професорот од ФИНКИ вели дека ова е работа за сите нас.

– Да промовираме колку е важно за нашата дигитална иднина она што го имаме ние како знаење, записи, да го дигитализираме и да го направиме достапно – нагласува проф. Трајанов.

Личните податоци и вештачката интелегенција, дигитализацијата, социјалните мрежи 

Она што е најважно, а е поврзано со интернетот, е кибербезбедноста, особено на личните податоци. Во 1991 година нашите податоци се содржеа во личната карта, пасошот, изводите од матичната книга, здравствената книшка и уште некој друг документ. 35 години подоцна, освен овие документи, постои цел друг свет, онлајн, кој секојдневно е гладен за нови податоци. Така, сега во 2026 година за личен податок се сметаат и името, телефонскиот број, имејл-адресата, ИП-адресата, локацијата, фотографијата, историјата на пребарување, податоците од апликации, колачињата (cookies), биометриските податоци… Вештачката интелигенција во 1991 година за најголем дел од граѓаните веројатно била сцена од научнофантастичен филм, а денес, покрај нејзините позитивни аспекти и придонеси, претставува закана за личните податоци и нивна злоупотреба. Тргувањето со лични податоци е едно од најпознатите онлајн-криминални активности на хакерските групи.

Владата го утврди текстот на Предлог - законот за заштита на личните податоци во кој, освен што се врши усогласување со регулативата на ЕУ за ова прашање, се воведуваат нови решенија во однос

Во изминатите 35 години, од независноста во 1991 до 2026 година, има огромни промени во заштитата на личните податоци во Македонија – од област што практично немала посебна институционална рамка до основно право со посебен независен надзорен орган и правила усогласени со европската регулатива за заштита на личните податоци. Сепак, не помалку важна се смета и свесноста на граѓаните, особено на младите, до каде треба да одат со споделувањето на ваквите информации.

Во 1991 година Уставот на независна Македонија го поставува правото на приватност. Денес, член 18 од Уставот гарантира заштита од повреда на личниот интегритет при собирање и обработка на личните податоци. Во 2005 година е донесен првиот Закон за заштита на личните податоци. Истата година, на 22 јуни 2005, е основана Дирекцијата за заштита на личните податоци – првата специјализирана институција за оваа област, која сега е Агенција за заштита на личните податоци.

Во периодот од 2005 до 2018 година има постепено усовршување во оваа област, а законот повеќепати се менувал. Македонија ги ратификува и европската Конвенција 108 за заштита на лицата при автоматска обработка на личните податоци во 2005 година и дополнителниот протокол во 2008 година.

Како голем пресврт во делот на заштитата на личните податоци се смета 2020 година кога Собранието го донесе новиот Закон за заштита на личните податоци, кој ја транспонира европската регулатива за заштита на личните податоци (GDPR). Со него Дирекцијата стана Агенција за заштита на личните податоци. Законот почна целосно да се применува од 24 август 2021 и се воведоа многубројни системски правила за тоа како институциите и компаниите смее да собираат, користат, чуваат и споделуваат лични податоци.

Заштитата на личните податоци денес веќе не се однесува само на хартиени документи, туку опфаќа и онлајн-профили, фотографии, видеонадзор, колачиња (cookies), електронски бази, биометриски податоци и прекуграничен пренос на податоци. Новата рамка предвидува и процена на влијанието врз приватноста, известување за нарушување на безбедноста и офицери за заштита на личните податоци во определени случаи.

Елизабета ВЕЉАНОВСКА-НАЈДЕСКА за МИА

ФОТО: Везилка/AI генерирана фотографија/Архива