Новата про-европска влада во Софија ветува дека ќе најде начин да го надмине ќорсокакот поради ветото за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ. Какви се шансите за компромис?
Професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, во анализа за Дојче Веле оценува дека не постои рационално објаснување за бугарското вето за отворањето пристапни преговори на Македонија. Националистите во претходната влада едноставно сакаа да си ја зголемат популарноста. Но од каде тој ентузијастички консензус? Се чини дека Бугарите очекуваа дека Македонците, сега „ослободени“ од српската хегемонија, ќе им се вратат, и затоа беа разочарани кога открија дека нивните соседи развиле сопствен солиден национален идентитет.
Грчкото одбивање да го прифатат државното име на новата држава веројатно го нахрани и бугарското национално его. Но, за разлика од Атина која на Скопје му претстави јасни услови, денешниот бугарски бес се чини неодреден и нелогичен. Тој претставува опасен преседан кој несомнено ќе биде искористен и во контроверзите меѓу Србите и Косоварите, Полјаците и Украинците и сите други земји со различни погледи на нивната заедничка историја.
Надежите на Македонија дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија да го тргне ветото се претерани: Франција се залага за продлабочување на Унијата пред натамошното проширување, додека екстремно десните партии се скептични за приемот на нови членки со големо муслиманско население- како Македонија.
Чија верзија на историјата?
Наоѓањето решение за ќорсокакот подразбира компромис кој ќе им овозможи на двете страни да прогласат победа. Но, кои се бугарските барања? Прво, тие сакаат нивните македонски соседи да го признаат своето бугарско потекло.
Официјалната формулација за „заедничка историја“ одеднаш беше напуштена, а Македонците беа обвинети за крадење на бугарската историја. Несреќниот спој на историски факти и национален идентитет значи дека двете страни претпоставуваат дека признавањето на некои настани од минатото автоматски ве прави или Бугарин или Македонец.
Новото либерално раководство во Софија вети дека ќе ја прошири рамката за преговори. Досега разговорите се сведуваа на билатералната комисија за историја која е поставена пред невозможна задача да ја утврди вистината за минатото.
Планот на премиерот Петков сега е да се отворат преговори за транспортот, економијата, културата, безбедноста – полиња кои се далеку порелевантни за процесот на пр оширување. Се очекува експертските тимови да ги остварат првите резултати до крајот на француското претседателство со ЕУ во јули 2022. За историската комисија нема краен рок и таа ќе треба да продолжи да работи во текот на пристапниот процес.
Говор на омраза
Едно од нејасните бугарски барања е спречувањето на говорот на омраза. Примерите варираат од навредливи графити на ѕидовите во Скопје до уништување на гробовите на бугарските војници од Втората светска војна. Не е изненадувачки тоа што ветото само ги зголеми негативните чувства: неодамнешна анкета покажува дека над 50% од Македонците во својот источен сосед гледаат непријателска земја. Тенденцијата на Бугарите да ги прогласуваат соседната нација и нејзиниот јазик за „измислени“ само придонесува кон взаемната нетрпеливост.
Доколку постои проблем со историјата, тој е поврзан со профашистичкиот режим во Бугарија- соучесник во злосторствата на нацистите- и раниот период на југословенскиот комунизам, кога бројни Бугари во југословенска Македонија биле присилно асимилирани. Но во моментов, ниту една страна не е подготвена да ја преземе својата историска вина и затоа претпочита да ја префрла вината.
Во малцинство
Третата поплака на Софија се однесува на човековите права. Дискриминацијата на луѓето кои се идентификуваат како Бугари во Македонија можеби е сериозна причина за загриженост, но недостасува суштински доказ за тоа.
Ниту еден случај досега не стигнал до Европскиот суд за човекови права; а примерите кои се даваат досега се за луѓе со двојно државјанство, како градоначалничката на Скопје или учесникот на натпреварот за Песна на евровизија, и покрај фактот што никој од нив не беше спречен да ги оствари своите амбиции.
Истовремено, и самиот премиер Петков е ставен под притисок затоа што има двојно државјанство- канадско.
Како и да е, барањата на Софија не се без основа. Околу 120.000 граѓани на Македонија имаат бугарско државјанство, и таа бројка е 12 пати поголема од онаа на Власите кои уживаат статус на малцинство согласно македонскиот Устав.
Па каде се тие 120.000? Сите го знаат одговорот: во западна Европа. Бугарските пасоши често се добиваат преку поткуп на бугарските функционери и лажирање на семејните документи.
Но, што ќе се случи доколку, како што се проценува, само 3.000 луѓе се идентификуваат како Бугари во Македонија на пописот чии податоци се уште се утврдуваат? Софија го има одговорот: тие биле дискриминирани и заплашени.
Вметнувањето на бугарското малцинство во Уставот на Македонија пред „и другите“ можеби личи лесно, но ќе бара двотретинско мнозинство во парламентот. Може со сигурност да се прогнозира дека македонската опозиција ќе се спротивстави, а нештата не се сигурни ниту на бугарска страна. Имено, признавањето на бугарско малцинство во Македонија би имплицирало дека преостанатото мнозинство не се Бугари, што би им го уништило сонот на националистите. Поради тесната поврзаност на нацијата и етносот на Балканот, етничките прашања остануваат високо исполитизирани.
Конечно, кревкиот политички баланс во Софија може лесно да биде нарушен со нови избори, четврти во кус временски период. Популистот Слави Трифонов, лидер на една од четирите партии во коалицијата со директна надлежност во Министерството за надворешни работи, неодамна излезе со следниот апсурден предлог: Бугарија ќе го тргне ветото под услов да биде примена во Шенген зоната, а САД да ги укина визите за бугарските државјани.
Од кога е воопшто можно да се уценува некој со закана дека ќе си пукате во сопствената нога, прашува професор Ивајло Дичев, кој е гостин предавач на бројни универзитети во Германија, Франција и САД.