Чудна е и мириса на изигрување судската одлука поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски да добие ново судење, вели универзитетскиот професор д-р Гордан Калајџиев, порано огнен поддржувач на тн. шарена револуција, која настапуваше со паролата „нема правда, нема мир“.

– Одлуката е во најмала рака чудна. Да не речам дека отворено мириса на изигрување на законот, некој вид злоупотреба. Од кои мотиви не знам. Луѓето прво што помислуваат се лукративни мотиви. Да се тврди дека два совети се поткупени е исто така тешко обвинение… Да се јави лицето откако ќе истече можноста за гонење, односно застарување на делото по 20 години и да му се одобри со верување дека лицето кое 20 години живеело во Белград не знаело за сите постапки за него. Па нема човек во Македонија кој не знае дека Даравелски е во бегство и бил осуден. Станува смешно, да не речам трагично, вели за ТВ Телма професорот Калајџиев.

Даравелски во 2008 година правосилно беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања во периодот од 1999 до 2002 година. Судењето против него се одвиваше во отсуство бидејќи тој избега во Србија.

За него беа испратени четири барања за екстрадиција (во 2004, 2013, 2016 и 2020 година), двапати беше апсен во Белград (во 2004 и 2016 година) врз основа на потерница распишана од македонските власти, но никогаш не ѝ беше испорачан на државата. На 10 јануари годинава сам се појави на граничниот премин „Табановце“, веднаш беше приведен и спроведен во затворот „Идризово“.

По 35 дена поминати во ќелија, тој денеска излезе на слобода, бидејќи вчера од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека му го одобриле барањето за ново судење со оглед дека претходното било во негово отсуство. На одлуката на Кривичен се жалело скопското обвинителство, но Апелација не ја прифатила жалбата и во целост застанала зад ставот на првостепениот суд.

Тоа ја отвора дилемата како судот оценил дека Даравелски сите изминати години не знаел дека треба да оди во затвор според правосилна пресуда од 2008 година.