Јас навистина не знам што ми треба да се грижам за Македонците и да говорам во нивни прилог, кога читам небулози од висока категорија, на кои никој не реагира, објави денеска хрватскиот универзитетски професот д-р Горан Калоѓера.
– Мислам дека изјавата на министерот за надворешни работи г-дин (Никола) Димитров, кој вели дека ревизијата на Преспанскиот договор може да доведе до губење на македонскиот јазик во Европската Унија. Чекај малку… Европската Унија, кај беше кога е зачнат и почнато да се зборува македонскиот јазик, во наречјата и говорите на локалните области? Кој може да условува губење на јазикот на еден народ на кој говореле неговите претци со векови, кој може да ја избрише богата македонска книжевна продукција на јазикот на 19. и 20. век, без оглед на тоа што првата била дијалектно обоена, а втората напишана на стандарден литературен јазик, пишува проф. Калоѓера во неговата објава на Фејсбук.
Понатаму во неговата реакција за „бришење на македонскиот јазик“ се вели:
– Кој може да ги избрише историските настани дека македонскиот јазик е прогласен за официјален во македонската Република, уште во текот на војната на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Македонија во 1944 година во манастирот Прохор Пчински. Кој може да го негира усвојувањето на азбуката и правописот што претходи на нормирањето на македонскиот литературен јазик? Европска Унија? Јазикот на еден народ не може никој да го уништи, ниту да го избрише од мапата на светските јазици. Јазикот го живее својот живот, се развива, се разгранува, на него говорат Македонците во Македонија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, САД, Канада итн. Ајде вие изгасете го тоа со еден декрет. Да не беше смешно, би било трагично!- го завршува коментарот проф. Калоѓера.