Професор Александар Ќосев, член на Клубот за македонско-бугарско пријателство во студиото на „Добро утро Европа“ вели дека официјалниот јазик во Македонија не е дијалект на бугарскиот, бидејќи служи за сите сфери на општествениот живот.
„На дијалект не се говори во болниците, во училиштата, во канцелариите, на Универзитетите. На дијалект се зборува дома, меѓу членовите. Кога еден јазик ги опслужува сите сфери на општествениот живот тоа е литературен јазик, тоа не е дијалект“.
Според него јазикот на историските митови и трауми го завладеа бугарскиот и македонскиот политички простор.
„Јас не велам дека во Скопје нема луди луѓе. Напротив ги има многу. Ние дадовме можност, на кои кои се најрадикални, најлуди, да прогласат мислење кое, општо кажано, е повикување на стари историски митови и трауми. Дозволивме јазикот на историските митови и трауми да го завладее бугарскиот и македонскиот политички простор“
Професорот вели дека во поставувањето услови од Бугарија кон РСМ има туѓи интереси кои имаат за цел да ја спречат интеграцијата на Западен Балкан.
„Од самиот почеток сум против ветото. Тоа беше лош политички инструмент и доведе до лоши политички резултати. Ветото е причина да се скараат „два братски народи“, а во тоа е вмешана и руската геополитичка интрига. Тоа е целенасочена политика да се дестабилизира Балканот и нивно оттргнување од сферата на европското влијание“
Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, Ќосев, го дефинира како „минимален успех“.
„Дури и да ги смениме учебниците, процесот на нормализирање на односот на одредени слоеви од македонското општество кон Бугарите ќе трае со години, ако не и со децении. Ако треба да има процес на историско помирување и вистинска историска анализа тоа без сомнение треба да се случи и од двете страни“
Тој е на мислење дека нашите учебници треба да се препишуваат во духот на „модерен, отворен, граѓански, толерантен“ патриотизам кој бара контакти со соседите и е европски, објави Еуроњус БГ.