Ми расте чувството на изгазеност и пониженост, вели проф. д-р Огнена Никуљски, во врска со повторното отворање на македонскиот Устав, овојпат за влез на Бугарите во него и за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ.
Ја пренесуваме емотивната и патриотска порака од пензионираната универзитетска професорка насловена „Не можам веќе да премолчувам“ во која таа укажува на опасноста Македонците, под туѓ диктат, да ја загубат матичната држава:
„Кога бев мала немав свест кој од моите другари на која етничка заедница припаѓа. Си ги знаевме само имињата и заедно си игравме. Беше битно да си другар. И ништо друго.
И растевме заедно.
Денес припадноста на одредена етничка заедница се крена на ниво на неодминлива вредност.
Велат имало дискриминација. Не ја сведочев но не ја одрекувам. Секогаш и секаде имало и има некаква дискриминација. Но, да земеш оружје в рака против својата држава, држава од која си дел и дел од власта и ги имаш сите институции и мирни дејствувања на располагање да си ги барааш правата што имаш чувство дека ти се одречени е непростливо.
И ни се смени начинот на кој се чувствувавме, почнавме да се гледаме попреку. Се поделивме.
Од заедништво се најдовме на спротивните страни на барикадите. И станавме лесен плен на туѓи интереси.
Го сменивме знамето, го сменивме името и како да се покривме со песок. Сега ќе го отвораме и Уставот. Нѐ препелкаа и нѐ прпелкаат кој ќе стигне и како ќе посака. Меѓу другото и затоа што со згазено достоинство не кренавме глава.
Со наведнатата глава се најдовме во ситуација на позитивна дискриминација која веќе почнува да го губи предзнакот позитивна.
И ми расте чувството на изгазеност, пониженост.
Сега посегнуваат, повторно од внатре, кон мојата матична држава, да ми ја одземат. Да ми го стават коренот на плочка. Да може и посилен дожд да го однесе.
Со тоа не се согласувам. Оваа моја татковина е матична земја на Македонците, друга немаме. Во неа рамноправно живеат и делови од други народи. Со сите права заштитени. Ако го отвориме Уставот, повторно по нечиј туѓ диктат, оваа матичност мора да остане и не смее да се споделува. Толку.
Сѐ друго е безмислица, безумие и кражба. Мој психолошки и емотивен момент.
Кога припадноста на етничка заедница ќе биде надмината, а на нејзино место важност ќе добие квалитетот на животот и напредокот на земјата и на сите во неа, кога ќе се почитуваме како човечки суштества кои споделуваат судбина, тогаш и САМО ТОГАШ Македонија може да стане и граѓанска држава, држава на сите граѓани во неа, еднакво вредни“.
Таа е пораката од проф. Никуљски. Таа е родена во Скопје во 1951 година. Дипломирала на Universidad Católica del Peru во Лима, во Перу. Од 1981 година до пензионирањето во 2014 година предавала на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје.