Гоце Делчев и Александар Македонски оставиле неизбришливи траги не само кај народот што ги изнедрил, туку нивната големина и значење ги надминуваат и границите на земјата од каде што потекнуваат, пишува проф. д-р Наде Проева во својата колумна во Нова Македонија.

„Во историјата на човештвото има личности што го обележалe не само нивното време туку и цели епохи значајни за историјата на човештвото. Такви се двајцата великани изникнати и израснати на македонско тло – Гоце Делчев, роден во Кукуш, и Александар Македонски, роден во Пела, во Егејска Македонија. Гоце Делчев е модерниот Александар Македонски“, пишува Проева, универзитетска професорка по историја.

Таа прави компарација меѓу двајцата великани кои потекнуваат од иста земја:

– Гоце Делчев и Александар Македонски оставиле неизбришливи траги не само кај народот што ги изнедрил, туку нивната големина и значење ги надминуваат и границите на земјата од каде што потекнуваат. И двајцата уште додека биле живи станале легенди, а нивниот спомен до ден-денес е жив во свеста на народот што ги изнедрил, дури и пошироко. Веројатно затоа многумина, мислејќи дека ќе можат да се закитат со нивната слава, со сите сили се трудат да докажат дека им припаѓаат само ним – едните дури успеале да ја присвојат родната грутка на двајцата македонски великани – и двајцата се родени и израснати во егејскиот дел на Македонија (Кукуш и Постол/Пела). Но ако земјата може и да се присвои, споменот за нивните достигнувања никој не може да го избрише, особено не од свеста на народот кому му припаѓаат, пишува Проева.

Универзитетската професорка натаму во колумната пишува:

– Александар Велики е едно од ретките нематеријални наследства што го споделува речиси целото човештво, ама Грција не само што го прикажува како исклучиво грчки, туку им го забранува на современите Македонци. Александар Македонски не само што ја преобразил класичната епоха туку со неговите дела зацртал и отпочнал нова ера во светската историја, т.н. македонски период, почесто нарекуван хеленистички поради хеленскиот јазик на кој се разбирале разнородните народи во неговата империја. Легендите за него до ден-денес се живи кај народите од Индија и Јапонија на исток до Ирска и Атлантски Океан на запад. Гоце Делчев e револуционер со левичарски сфаќања, кој иако учел во бугарски школи ја одбележал ерата на непокор и непоштедна борба на македонскиот, а не на бугарскиот народ за национално самоопределување и за создавање национална држава, и е најопеаниот херој во целокупното македонско народно творештво, пишува Проева.

Целата колумна на проф. д-р Наде Проева може да ја прочитате ТУКА.