Лазар ПАРТИКОВ

(професор по македонски јазик во ОУ Даме Груев, Куклиш)

ШЧО НАПРАИЈА И ШЧО ПЛАНИРААТ ДА НАПРАВАТ ЗА ОДНАПРЕД

Партиите од власта ги потценија наставниците…не само со ненавременото покачување на платите, не само со понудените трошки од 10%, туку со односот кон нив и целосно погрешниот пристап. Не знам дали се свесни дека против себе имаат армија од 35 000 високообразовани кадри, столб на кој се потпира иднината на секоја сериозна држава.

Најпрво започнаа со графити: СОНК – убијци на деца! – кој имаше обратен ефект. Ако наставниците, кои си ги бараат своите права низ штрајк, кој е право, кое произлегува од Уставот, како највисок законодавен акт, се убијци на деца, како тие утре ќе им ги доверат своите деца на убијци? Нелогично , нели…

Следна фаза- притисок врз наставниците без решение и оние на замена, зашто кај нив најлесно можат да влијаат. Тие им се најслабата „карика“.

Паралелно се врши притисок и врз примените на работа преку партијата на власт, но за нивна несреќа, на локалните избори ги изгубија поголемите општини, па таа варијанта отпаѓа или ќе има многу слаб ефект. Веќе се закануваат со „заменски наставници“, убедливо најглупавиот закон, кој беше донесен во времето на Груевски, а кој нема практична применливост, туку единствено има за цел да ги заплаши неинформираните. Се надевав дека „прозападните“ ќе го укинат тој закон, но го задржаа за зор-заман и сега им се најде. Но тоа заплашување не поминува ни до Ракиџиски Мост.

Во следната фаза ќе ги активираат „загрижените родители“, организирани во „Родителски пленум“, кои ќе апелираат до наставниците да се вратат на работа, да не трпи наставата на нивните деца. Пред камери ќе се појавуваат помалку експонирани членови од партијата, додека нивните налогодавци ќе седат во своите кабинети, удобно сместени во своите кожни фотељи, броејќи ги парите од провизијата на последниот тендер.

Ќе ги активираат и ученичките пленуми, оние средношколските и на основците… не знам дали ќе организираат и пленум на штитениците од детските градинки. На средношколците, а во првите редови ќе бидат синови на лојални членови и ученици со повеќе слаби оценки и многу неоправдани, зашто кај нив најлесно може да се влијае. Ќе им ветуваат поправање на оценките за возврат за завршената валкана работа. Веќе видено сценарио, само глумците ќе бидат нови, зашто оние што спиеја во шаторите веќе се студенти. Нивните директори нема да се појавуваат јавно, зашто секаков обид за притисок врз наставниците од нивна страна, подлежи на кривична одговорност.

Но, забораваат дека против себе имаат армија од 35 000 високообразовани стручни кадри, кои како никогаш досега се сплотени и решени ни за милиметар да не отстапат од своите барања. Ако имаме достоинствени наставници, верувајте дека тие ќе знаат да воспитаат достоинствени младинци, на кои ќе треба да се потпира иднината на Македонија.