Албанската новинарка Ериса Зикај од Брисел изнесе прогноза дека одлуката за преговачката рамка за Албанија и Македонија ќе се носи на 7 јули.
Таа во емисијата „Балкан“ на телевизијата АБЦ изјави дека следната средба на 27-те постојани амбасадори на ЕУ ќе се одржи на 7 јули и во таа смисла, тој датум може да биде денот на одлука за преговарачката рамка. Таа објасни како напредува процесот на дискусиите во Брисел за отворање на преговорите за двете соседни земји – Албанија и Македонија.
Зикај рече дека е информирана дека чешкото претседателство е посветено како и француското претседателство да го унапреди договорот меѓу Бугарија и Македонија за последниот и финален предлог што вчера го претстави францускиот претседател Емануел Макрон.
Новинарката во јавувањето преку „скајп“ рече дека токму ова финализирање ќе го отвори патот за одобрување на преговарачките рамки со Албанија и Македонија.
Доколку ова финализирање се направи во рок од пет дена, тогаш чешкото претседателство без губење време ќе одлучи за прашањето за преговарачките рамки со двете земји на агендата на состанокот на постојаните амбасадори на Европската Унија. Следниот состанок на 27-те постојани амбасадори на ЕУ се одржува на 7 јули, а во оваа смисла, 7 јули може да биде и датумот на одлуката за преговарачката рамка. Понатаму, оваа одлука потоа може да помине низ забрзана писмена процедура, како што се случи во периодот на пандемијата со низа одлуки кои не можеа да се донесат со физичко присуство на министрите за европски прашања, министрите за надворешни работи или други области. Значи, нема потреба да се одржи посебен состанок на 27-те министри за европски прашања за да се одреди датум за одржување на првата меѓувладина конференција со двете земји, што воедно го означува и официјалното отворање на преговорите со нив – изјави новинарката.
Зукај вели дека од извори на Чешкото претседателство дознава дека Прага е посветена да се даде поттик кон земјите од Западен Балкан, зашто ЕУ сака да е посилна и поединствена зашто се води војна на Континентот.
Доколку се расчисти патот за отворање на официјални преговори за членство со Албанија и Македонија, тогаш ќе се продолжи со либерализација на визниот режим за граѓаните на Косово и со барањето на Босна и Херцеговина за статус на земја кандидат. Важен момент за земјите од Западен Балкан ќе биде октомврискиот самит за Европската политичка заедница, на кој ќе бидат поканети многу земји, вклучително и оние од регионот – изјави новинарката повикувајќи се на свои извори во Брисел.