Најголем грев е да си го продадеш името, беше порачано од денешното одбележување на 70 години од прогонот на Македонците од Егејска Македонија во Скопје.
Со положување цвеќе пред Споменикот на децата бегалци во паркот Жена борец и изложба на фотографии во Домот на АРМ, денеска почна одбележувањето на 70 години од прогонот на Македонците од Егејска Македонија за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Одбележувањето е во рамки на петтата Светска средба на насилно прогонетите Македонци, во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија „Македон“ и под покровителство на Светскиот македонски конгрес.
Во големата сала во Домот на АРМ се одржа културно-уметничка програма со реферат за прогонот и поздравни говори на претседателот на „Македон“ Лефтер Манче и архимандритот Никодин Царкњас.
Во обраќањето порачаа дека најголем грев е да си го продадеш името и дека проблемот не е името, туку тоа што тие живеат таму.
Тие истакнаа дека за нив името е решено на референдум во 1991 година и дека досега 138 држави не признале под името Република Македонија, поради што дека не треба да преговараме за капитулација со Грција.
На церемонијата присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, пратеникот Крсто Јовановски и претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.