Водителката на емисијата 60 минути Олга Скабеева на програмата Русија 1 и Алексеј Журављов пратеник во Думата, говореа за тоа за колку секунди интерконтиненталната балистичка ракета Сармат може да стигне до главните градови на Велика Британија, Германија и Франција, земји кои ја снабдуваат со оружје Украина.
Сармат е нова интерконтинентална балистичка ракета и се очекува Русија да ја опреми секоја со десет или повеќе боеви глави. Русија неодамна успешно тестираше ракета која во круговите на НАТО го има озлогласениот прекар Сатана 2 или Сатановиот син.
– Еден Сармат и толку – британските острови постојат, британските острови повеќе не постојат. Сериозен сум, рече Журавлев, пренесува порталот Правда.
Пратеникот од Думата, Евгениј Попов од партијата Единствена Русија предупреди дека и Велика Британија има нуклеарно оружје, а во случај Русија да ја искористи ракетата Сармат, „никој нема да преживее, никој нема да остане на планетата“.
Скабеева рече дека времето на летот на Сармат од Калининград до Берлин е 106 секунди, до Париз 200 секунди, а до Лондон 202 секунди.
Беше прикажана графика со натпис „Време на лет на ракетите RS-28 Sarmat до главните градови на земјите кои ја снабдуваат Украина со најмногу оружје“.
– И на нив (западните земји) треба да им се покаже оваа слика. Бројте ја секоја секунда. За што ќе имате време, рече Журавлев.